Новиот врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи, е на лекување во градот Ком и е неспособен да ја води земјата, покажува американско-израелски разузнавачки извештај, а според дипломатски меморандум, споделен меѓу сојузниците од Заливот.
Во меморандумот, до кој дошла редакцијата на Тајмс, се вели дека Хамнеи е во кома и во критична состојба по воздушниот напад на 28 февруари, во кој е убиен неговиот татко, долгогодишниот врховен лидер на Иран, Али Хамнеи.
Според меморандумот, помладиот Хамнеи е на лекување во Ком, еден од најважните религиозни центри на шиитскиот ислам во Иран, и не е вклучен во донесувањето одлуки на врвот на државата.
Во истиот меморандум се вели и дека телото на Али Хамнеи се подготвува за погреб, додека разузнавачките агенции забележале подготовки за изградба на голем мавзолеј во Ком со повеќе гробници, што би можело да укажува на план за погребување на други членови на семејството на истото место.
Локацијата на помладиот Хамнеи, според меморандумот, им е позната на американските и израелските разузнавачки служби веќе некое време, но претходно не била објавена.
Иранските власти претходно потврдија дека Моџтаба Хамнеи бил ранет во истиот напад во кој наводно биле убиени неговиот татко, мајка и сопруга.
Тој не е виден во јавноста откако започна конфликтот, иако беше избран да го наследи својот татко на почетокот на март.
Иранската државна телевизија оттогаш емитуваше две писмени изјави што му се припишуваат на новиот врховен лидер, како и видео генерирано со вештачка интелигенција, на кое наводно се гледа како анализира мапа на израелскиот нуклеарен погон Димона.
Тврдењата за неговото здравје дополнително ги поттикнаа шпекулациите дека Исламската револуционерна гарда би можела да ја преземе вистинската контрола врз земјата, додека Хамнеи формално би останал на чело.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон е во разговори со други ирански претставници, но дека разговорите не го вклучуваат врховниот лидер.
Иранските медиуми, исто така, објавија дека погребот на Али Хамнеи би можел да се одржи во неговиот роден град Машхад, еден од најголемите шиитски центри за поклонение, додека се очекува јавна комеморација во Техеран, иако датумот сè уште не е објавен.
Во среда ќе се навршат 40 дена од смртта на Али Хамнеи, на 28 февруари, што би означило крај на традиционалниот период на жалост во шиитскиот ислам.











