Специјалните видови путер, сирење и млеко со помала содржина на масти долго време се промовираат како подобра алтернатива за оние кои сакаат да го намалат ризикот од развој на срцеви заболувања, мозочен удар и дијабетес, објавува германската новинска агенција дпа.
Но мастите што природно се јавуваат во млечните производи, за разлика од истоимените, но вештачки транс-масти во високо преработената храна, не го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања, заклучија научниците со седиште во Обединетото Кралство во анализа објавена во списанието Истражување за исхраната (Nutrition Research).
Тимот научници анализирал 22 студии што вклучувале медицински податоци од илјадници луѓе во Европа и Северна Америка и откриле дека природните транс масти во телото „се однесуваат многу поинаку од индустриските“.
„Транс мастите во вашето утринско млеко, јогурт, путер или сирење не се исти како оние во индустриските, делумно хидрогенизирани масти“, изјави Иан Гивенс од Универзитетот во Рединг.
Гивенс се надева дека работата на неговата група може да ги убеди луѓето дека млечните производи можат безбедно да се консумираат како дел од балансирана исхрана.
Луѓето треба да консумираат масти, вклучувајќи ги и заситените масти во млечните и месните производи, како дел од балансирана исхрана, се согласуваат здравствените експерти.
Студијата, нарачана од американската непрофитна организација Национален совет за млечни производи, е во согласност со претходните истражувања кои покажаа здравствени придобивки од други масти, како што се незаситените видови што се наоѓаат во авокадото, јаткастите плодови и рибата.
„Барем некои видови полномасни млечни производи можеби не се толку загрижувачки како што се мислеше порано“, според Медицинскиот факултет Харвард, кој забележа дека ферментираните млечни производи како што се јогуртот и сирењето, исто така, можат да понудат „одредена заштита од срцеви заболувања“.
Американското списание за клиничка исхрана минатата година објави дека никогаш не е пронајдена убедлива врска помеѓу консумирањето на кој било вид полномасни млечни производи и ризикот од развој на кардиоваскуларни заболувања.























