Претставници од 51 земја потпишаа декларација за војната меѓу Русија и Украина, со која се повикува Москва да прифати итен и безусловен прекин на огнот, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.
Декларацијата беше објавена пред состанокот на Советот за безбедност на ОН посветен на Украина.
„Од март 2025 година, Украина се согласи на целосен, итен и безусловен прекин на огнот. Ја повикуваме Русија конечно да го стори истото, што е неопходно за суштинска дипломатија и преговори кои водат кон мир“, се наведува во неа.
Документот беше потпишан од ЕУ и нејзините земји-членки, како и од претставници на Канада, Швајцарија, Грузија, Молдавија, Австралија, Нов Зеланд, Панама, Јужна Кореја, Обединетото Кралство и други земји.
Декларацијата дојде во момент кога украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека енергетскиот прекин на огнот со Русија би зависел од тоа дали Москва ќе ги запре нападите врз украинската енергетска инфраструктура. Зеленски исто така рече дека е подготвен за трилатерална средба со рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.
Во меѓувреме, американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во моментов не постои договор за енергетски прекин на огнот меѓу Русија и Украина. Тој рече дека војната нема да заврши со воена победа, туку преку договорено решение.



















