Русија смета дека одлуката на Франција да го заплени танкерот Тагор е нелегална и се граничи со чин на пиратство, изјави денес портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
Француските власти денес објавија дека француската морнарица го запленила танкерот Тагор во Атлантскиот Океан затоа што наводно отпловил од Мурманск под лажно знаме, пренесува РИА Новости.
Руската амбасада во Париз објави дека Франција не ја информирала Русија дека ќе преземе какви било мерки против овој танкер.
Во меѓувреме, руската дипломатска мисија потврди дека капетанот на танкерот очигледно е руски државјанин.
„Ние ги сметаме ваквите дејствија за нелегални. Тие се граничат со чин на меѓународно пиратство“, рече Песков во разговор со новинарите.
Францускиот претседател Емануел Макрон потврди претходно денес дека француската морнарица се качила на нафтениот танкер Тагор, кој отпловил од Русија под меѓународни санкции.
Според него, „неприфатливо е бродовите да ги избегнуваат меѓународните санкции, да го кршат поморското право и да ја финансираат војната што Русија ја води против Украина повеќе од четири години“.













