Компанијата Никеи (Nikkei Inc.) денес објави дека околу 1,83 милиони лични податоци биле компромитирани по неовластен пристап до „клауд“ сервис (услуга во облак) што се користи за развој на системи.
Од нив, околу 150.000 записи содржеле лични податоци, како што се имиња, адреси на е-пошта, физички адреси, телефонски броеви или датуми на раѓање. Околу 120.000 од тие записи вклучувале адреси на е-пошта.
Околу 1,68 милиони записи содржеле идентификатори кои не можат самостојно да ги идентификуваат поединците.
Минатата недела Никеи го пријави инцидентот до јапонската Комисија за заштита на лични информации, а надлежните органи го испитуваат обемот на настанот и кои податоци се компромитирани.
До неовластениот пристап дошло минатата среда, откако биле украдени акредитивите за автентикација за „клауд“ сервисите.
Компромитираните акредитиви оттогаш се поништени.
Од петокот, не е потврдена никаква дополнителна штета, вклучително и злоупотреба на протечените лични податоци, прекини во работата на системите или неовластени измени на податоците, соопшти компанијата.
Одделот за односи со јавноста на Никеи упати извинување за загриженоста предизвикана од инцидентот и најави дека поединечно ќе ги извести лицата чии лични податоци биле изложени.
Никеи е медиумска организација која, меѓу другото, се занимава и со издавање весници.

























