Белгија оваа година ќе ѝ испорача десет борбени авиони Ф-16 на Украина за да помогне во зајакнувањето на нејзините одбранбени капацитети, изјави вчера белгискиот премиер Барт де Вевер.
Говорејќи на прес-конференција по првиот ден од самитот на ЕУ во Брисел, Де Вевер рече дека разговарал за воените потреби на Украина со украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на билатерална средба на маргините на самитот.
„Оваа година ќе испорачаме 10. Малку доцниме поради одложувањата со авионите Ф-35, но тие сега почнуваат да пристигнуваат, што ќе ни овозможи да испратиме Ф-16 во Украина“, рече Де Вевер.
Тој нагласи дека на Украина итно ѝ се потребни оперативни борбени авиони, опишувајќи ги Ф-16 како едно од ретките оружја способни ефикасно да се одбранат од „руските беспилотни летала на млазен погон“.
Де Вевер додаде дека двајцата лидери разговарале и за можноста Белгија да обезбеди муниција за авионите Ф-16, вклучително и муниција произведена од белгиската одбранбена компанија „ФН Херстал“ (FN Herstal).
Лидерите разговарале и за финансиските потреби на Украина, иако Де Вевер не даде детали за можноста за користење на замрзнатите руски средства – кои главно се наоѓаат во компанијата „Еуроклир“ (Euroclear) со седиште во Белгија – за поддршка на Украина.
Белгија претходно се спротивстави на предлогот за користење на замрзнатите средства за финансирање заем за репарации за Украина, наведувајќи можни правни и финансиски ризици.

























