Контејнерски брод потонал во водите јужно од Ормускиот Теснец во неделата откако налета на поморска мина и се запалил, соопшти денеска морнарицата на Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГЦ).
ИРГЦ соопшти дека бродот превезувал околу 2.500 контејнери, објави Ројтерс.
„Бродот се обидел да тргне по неовластена и опасна рута и покрај предупредувањата од локалните бродови и рибари до екипажот да бидат внимателни“, се вели во соопштението.
Ормускиот Теснец е еден од стратешки најважните морски патишта во светот, низ кој минува околу една петтина од светската поморска нафта.
Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) честопати ја потврдува својата контрола врз водниот пат, спроведувајќи инспекции на бродови и заканувајќи се дека ќе го затвори теснецот.
Централната команда на американската војска (ЦEНTКOM) вчера ги отфрли тврдењата на Корпусот на иранската Исламска револуционерна гарда дека Техеран го контролира Ормускиот Теснец.
Побивајќи ги тврдењата дека Техеран ја контролира стратешката меѓународна рута, командата рече дека американските сили им помогнале на регионалните партнери да пренесат повеќе од 19 милиони барели сурова нафта преку водниот пат.
Јавната размена на мислења следува по забелешките на морнарицата на ИРГЦ, контраадмиралот Али Азмаеи, кој се закани со директни напади врз американските бродови.
„Чекаме американските воени бродови да се приближат до влезот во Ормускиот Теснец за да можеме да ги потопиме“, изјави Азмаеи.
Тој тврдеше дека американските воени бродови „не се осмелуваат“ да се приближат, тврдејќи дека американски носач на авиони се повлекол 700 километри од водниот пат.























