Претседателката на Европската комисија вчера изјави дека Русија не го испочитувала енергетскиот прекин на огнот, најавен од американскиот претседател Доналд Трамп, и повика на поголем притисок врз Москва.
„Секако, ние го поддржавме енергетскиот прекин на огнот на претседателот Трамп, но видовме дека Русија не го почитуваше – ниту една минута. Напротив, Русија ја ескалираше ситуацијата, па затоа мораме да го зголемиме притисокот врз неа“, изјави Урсула фон дер Лајен за новинарите, пред почетокот на вториот ден од самитот на ЕУ во Брисел.
Во неделата, Трамп соопшти дека Русија и Украина се договориле за итен прекин на нападите врз енергетската инфраструктура на другата страна.
Фон дер Лајен наведе дека ЕУ работи на својот 22-ри пакет санкции против Русија, нагласувајќи дека Унијата „нема да укине ниту една санкција сè додека Москва не ја заврши војната“.
Таа додаде дека лидерите на ЕУ ќе разговараат и за подготвеноста на Украина за претстојната зима, како и за финансиските, буџетските и воените потреби на земјата за 2026 и 2027 година.
Во меѓувреме, претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ја потврди посветеноста на ЕУ кон Украина, истакнувајќи дека поддршката од Унијата останува „силна како и секогаш“.
„Ова не е време за повлекување на поддршката за Украина. Ова не е време за ублажување на санкциите против Русија. Сега е време да ја зголемиме нашата поддршка и да го засилиме притисокот“, рече Кошта.
„Тоа е од суштинско значење за да се натера Русија да прифати вистински прекин на огнот, да седне на преговарачка маса и да се стави крај на оваа војна“, додаде тој.

























