Црногорската полиција, во соработка со Агенцијата за национална безбедност (АНБ), утрово започна операција за апсење лица осомничени за поврзаност со руската информативна мрежа „Рибар“.
Во текот на акцијата во Рисан биле уапсени пет лица, објавија црногорските медиуми.
Меѓу уапсените се Михаил и Валерија Звинчук- за кои се наведува дека се клучни фигури во мрежата- како и тројца нивни соработници, според Радио-телевизија Црна Гора (РТЦГ), која се повикува на извори запознаени со операцијата.
Весникот Побједа од Подгорица, повикувајќи се на извори од безбедносниот сектор, наведува дека Михаил Звинчук е полковник во руската воена разузнавачка служба (ГРУ) задолжен за хибридни операции.
Засега овие тврдења не може независно да се потврдат.
„Рибар“ е руска медиумска и информативна мрежа основана во 2018 година, која се здоби со меѓународна препознатливост за време на руската инвазија врз Украина. Првично фокусирана на воени анализи и известување за конфликтот, таа подоцна прерасна во мрежа од комуникациски канали.
Според црногорските медиуми, западните институции ја поврзуваат оваа мрежа со ширењето проруски наратив, пропагандни активности и операции за информациско влијание.
Црногорските власти сè уште не објавија дополнителни детали за апсењата ниту, пак, ги прецизираа конкретните кривични обвиненија поднесени против осомничените.






















