Норвешка разгледува ограничувања за изградба на нови центри за податоци, поради предупредувањата за очекувано големо оптоварување на електроенергетскиот систем и критиките за создавање само неколку стотици нови работни места со полно работно време.
Пред три до четири години, речиси и да немаше податочни центри, а сега тие трошат помеѓу 3 и 4 терават часови (TВч) електрична енергија годишно, што е околу 2,5 проценти од вкупната потрошувачка во Норвешка, изјави за Ројтерс раководителот на Норвешката управа за водни ресурси и енергија (НВE) Кјетил Лунд.
Според извештајот на НВE објавен во четврток, тие до 2035 година би можеле да трошат 25 TВч електрична енергија, под претпоставка дека се користат веќе одобрените приклучоци кон електричната мрежа.
Норвешка произведува најголем дел од својата електрична енергија во хидроцентрали, а производството обично ја надминува потрошувачката за околу 15 TВч годишно.
„Сега, пак, постои ризик од недостиг на електрична енергија, бидејќи зголемувањето на производствениот капацитет е ограничено“, предупреди НВE, следејќи го предупредувањето од операторот на преносниот систем Статнет.
Секторот на центри за податоци во Норвешка, кој е во голема мера во странска сопственост, е предмет на сè поголеми критики поради релативно малиот број работни места и потенцијалното влијание врз цените на електричната енергија.
Слични дискусии се водат и во други земји, а центрите за податоци се исто така важна тема пред изборите за Конгресот во САД.
Според студија нарачана од норвешкото Министерство за дигитализација и јавна администрација, центрите за податоци ќе генерираат директна додадена вредност од околу 3,2 милијарди круни (345 милиони долари) до 2025 година, вработувајќи околу 600 работници со полно работно време.
Некои политички партии се залагаат за привремено суспендирање на дозволите за нови центри за податоци и нивна изградба. Црвената партија (Рдт) објави дека ќе поднесе таков предлог до парламентот следната недела, а други партии ја поддржаа иницијативата.
Сè уште не е јасно дали предлогот ќе го добие потребното мнозинство во парламентот.
„Малцинската влада предводена од Лабуристичката партија веќе работи на краткорочни и долгорочни мерки што треба да ја стават ситуацијата под контрола“, изјави за Ројтерс министерот за енергетика Терје Асланд.
„Сакаме во Норвешка да се отворат соодветни центри за податоци, оние што се од стратешко значење на национално ниво. Исто така, проверувам како ваквите трендови влијаат врз електроенергетскиот систем“, рече норвешкиот министер.




























