Промените во глобалниот трговски систем, растечката геоекономска конкуренција и потребата постојната институционална архитектура на меѓународната трговија, создадена во 20 век, да се приспособи на реалностите на 21 век- порачал министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Форумот на идни глобални лидери организиран од Светскиот економски форум во Дубаи.
Тој во обраќањето за време на сесијата „Трговијата во свет што се менува“ (Trade in a Changing World) порача дека поврзаноста, отпорноста и партнерствата ќе бидат меѓу клучните фактори за успехот на државите во наредните децении.
Во своето обраќање, Муцунски се осврна на преобразбите во глобалниот трговски систем, засилената геоекономска конкуренција и потребата институционалната рамка на меѓународната трговија, создадена во 20 век, да се приспособи на предизвиците на 21 век.
Тој истакна дека, наместо само да се изразува загриженост поради оние што го доведуваат во прашање постојниот модел, потребно е да се разгледаат можностите за негово осовременување во заеднички интерес.
„Кога постојат оние што го доведуваат во прашање сегашниот модел, а ние сме загрижени поради тоа, мора да погледнеме и кон самите себе и да се запрашаме што можеме да направиме за да го модернизираме системот во наша заедничка корист“, истакна Муцунски.
Посебно внимание посвети на поврзаноста меѓу отвореноста, безбедноста и отпорноста, нагласувајќи дека тие не треба да се третираат како меѓусебно исклучиви цели.
„Мора да ја направиме отвореноста побезбедна. Отпорноста во никој случај не значи изолација“, порача министерот.
Според него, државите што ќе остварат најголем успех во следните пет, десет, петнаесет или дваесет години ќе бидат оние што ќе вложуваат во поврзаност, отпорност и партнерски односи, наместо да се затвораат зад бариери.
„Нашето цврсто уверување е дека државите што ќе успеат во следните пет, десет, петнаесет или дваесет години нема да бидат оние што ќе изградат најголеми ѕидови, туку оние што ќе изградат најотпорни мостови“, нагласи Муцунски.
Осврнувајќи се на улогата на помалите економии во меѓународната конкуренција, тој посочи дека нивната предност не е во големината, туку во доверливоста и предвидливоста како партнери.
„Големите економии се натпреваруваат преку обем. Малите економии се натпреваруваат преку доверливост“, истакна Муцунски.
Тој се осврна и на економскиот суверенитет, посочувајќи дека тој е тесно поврзан со квалитетната инфраструктура и енергетската поврзаност. Во тој контекст, ги издвои инвестициите во Коридорите VIII и X, патната и железничката инфраструктура, како и диверзификацијата на енергетските извори.
Муцунски нагласи дека енергетската независност е неопходен предуслов за економски развој и привлекување инвестиции во индустриите на иднината.
„За нас, економскиот суверенитет е длабоко поврзан со поврзаноста. Ако не сте добро поврзани, не можете истовремено да бидете и суверени“, посочи тој.
Говорејќи за последиците од глобалните конфликти, министерот истакна дека нивното влијание се чувствува и далеку надвор од државите што се непосредно вклучени во нив, поради тесната поврзаност на синџирите на снабдување и трговските патишта.
„Првата жртва на секој конфликт е човечкиот живот. Втората жртва е економскиот просперитет- не само на државите вклучени во конфликтот, туку и пошироко, затоа што нашите синџири на снабдување и трговски рути се силно меѓусебно поврзани“, истакна Муцунски.
Тој заклучи дека одговорот на промените во светската економија треба да биде поголема поврзаност, осовременување на меѓународниот систем, вложување во отпорноста и поефикасна мултилатерална соработка, наместо изолација.



























