Европската фудбалска унија (УЕФА) денес остро го критикуваше планот на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за основање компанија од 20 милијарди долари што ќе го управува Светското првенство со учество на приватни инвеститори, вклучувајќи го и семејството Кушнер, кое има семејни врски со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Не е на ФИФА да продава. Никој од нас не го поседува фудбал“, објави УЕФА.
Плановите на Инфантино да ја основа ФИФА Форвард Ентерпрајз (ФФЕ) за управување со натпреварувања како што се Светското првенство и Светското клупско првенство првпат беа објавени во Тајмс оф Лондон и Фајненшл тајмс.
ФИФА во соопштението наведува дека ФФЕ ќе собере до 4,2 милијарди долари подоцна оваа година за да помогне во финансирањето на програмите за развој „врз основа на почетна проценка на вредноста на проектот од 20 милијарди долари“.
ФИФА соработува со банката Џ.П. Морган, а меѓу инвеститорите би бил и фондот Трив Етернал (Thrive Eternal) основан од Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер, зет на Трамп.
Светското првенство во машка конкуренција што заврши овој месец само ги продлабочи политичките и личните врски меѓу Трамп и Инфантино, предизвикувајќи широка загриженост, вклучително и во рамките на УЕФА.
„Управувањето со фудбалот не е за трговија, особено не со нулта транспарентност за тоа кој има финансиска корист“, рече УЕФА како одговор на извештаите за продажба на удели во натпреварите на ФИФА.
ФИФА во моментов е швајцарска непрофитна организација составена од 211 национални фудбалски асоцијации од целиот свет кои би морале едногласно да одобрат каков било план од ваков вид.
„Ова е за демократизација на фудбалот низ целиот свет“, рече Инфантино во официјално соопштение.
УЕФА објави дека ги сфаќа извештаите за овој проект „исклучително сериозно“ и апелираше до националните фудбалски асоцијации да го сфатат овој проект сериозно.
„Инфантино објавува дека се преминува граница што управните тела на светскиот фудбал никогаш не треба да ја преминат“, се вели во соопштението на УЕФА, која е составена од 55 од 211-те членки на ФИФА.





















