Јустина Широка Пула е избрана за нова претседателка на Косово, откако беше предложена од премиерот Албин Курти како компромисно решение за да се обезбеди потребното мнозинство и да се избегне уставна криза и распишување нови предвремени избори бидејќи рокот за гласањето истекуваше на полноќ.
Демократската партија на Косово (ПДК) ја прифати понудата на Курти во која спаѓа и усвојувањето на измените на Законот за Специјализираните комори на Косово
Курти истакна дека Широка Пула претходно била министерка од редовите на ПДК и го повика Хамза да ја убеди да ја прифати таа улога.
„Нека лидерот на ПДК излезе јавно вечерва, веднаш по мене, и нека вети дека 22-та пратеници од пратеничката група на ПДК ќе учествуваат во гласањето за претседател. Потоа, ние однапред ќе гласаме за предлог-законот за измена на Законот за Специјализираните комори. Потоа ќе преминеме на гласањето за претседател. Јустина Широка Пула беше министерка од редовите на ПДК. Нека Хамза ја убеди; јас се согласувам“, рече Курти.
Професионалната кариера на Широка Пула опфаќа области како образованието, науката и политиката. Таа е економист, универзитетски професор и академик. Додипломските студии ги завршила на Универзитетот во Приштина, а постдипломските во Загреб.
Широка Пула ја извршувала функцијата министер за енергетика и рударство на Косово во периодот од 2008 до 2011 година, а била и пратеник во Собранието на Косово од редовите на ПДК во периодот од 2011 до 2014 година.
Со гласањето за претседател, Косово го заокружи процесот на избор на нов шеф на државата.






















