Францускиот претседател Емануел Макрон потврди дека Европската Унија ќе го интензивира притисокот врз Русија преку дополнителни санкции и ќе ја зајакне воената поддршка за Украина, откако претседателот Володимир Зеленски изјави дека 17 лица се убиени во ноќните напади.
„Во Киев и околниот регион, Русија повторно одлучи да ги таргетира цивилите. Оваа политика на терор, спроведена преку ракетни напади и напади со беспилотни летала, е неприфатлива“, објави Макрон.
Тој нагласи дека Русија мора да ја плати цената и да биде одговорна „за своите злосторства“, додавајќи дека нема да се предадат на замор или заплашување и дека ќе продолжат да стојат покрај Украина.
„Европската Унија и нејзините партнери ќе продолжат да го зголемуваат притисокот врз Русија, особено преку нови санкции, а воедно ќе ја зајакнат воената поддршка за Украина за да може да се одбрани и да го заштити своето население“, додаде Макрон.
Седумнаесет лица загинаа, а 44 се повредени во ноќните напади врз Киев и околниот регион, изјави во средата украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Во нападот биле употребени 24 балистички ракети, четири ракети „Циркон“ и „Оникс“ и 115 дронови, од кои многу се на млазен погон, рече Зеленски во соопштението на Телеграм.



















