Двајца припадници на Корпусот на Иранската исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) се убиени, а двајца се повредени во она што властите го опишаа како „терористички напад“ во западната иранска покраина Керманшах, објави денес државниот сервис ИРИБ.
Нападот се случил синоќа во округот Павех, во близина на иранско-ирачката граница, објави ИРИБ, повикувајќи се на соопштението од Канцеларијата за односи со јавноста на ИРГЦ во покраината Керманшах.
Според соопштението, неидентификувани напаѓачи отвориле оган кон влезот на една куќа во, како што е наведено, „кукавички и предавнички терористички чин“.
Двете убиени лица се идентификувани како локални припадници на ИРГЦ. Уште две лица се повредени во нападот.
ИРГЦ соопшти дека во тек е истрага за утврдување на околностите околу пукањето и идентификување на одговорните.
Ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот.











