Четирикратниот шампион Германија и трикратниот вицепрвак Холандија се елиминирани од Светското првенство во САД, Канада и Мексико уште во првата нокаут-фаза, двете по изведување пенали.
Откако по 120 минути игра со Парагвај беше 1:1, Германија го заврши настапот по поразот од 4:3 на пенали. Орландо Гил ги одбрани ударите на Хаверц и Волтемаде, а откако и Парагвај не искористи два пенала, трагичар на Германија беше дефанзивецот Џонатан Та. Ова е првпат во историјата на светските првенства Германија да биде поразена по изведување пенали.
Откако стана светски првак во 2014, Германија двапати не успеа да ја помине групната фаза и сега изгуби уште во 1/16-финалето.
„Кога ќе испаднете од светското првенство откако ќе играте против Парагвај, тоа е многу горчливо. Многу е болно. Ова е трета рана елиминација по ред, па затоа повеќе не сме дел од првокласните тимови“, рече селекторот на Германија, Јулијан Нагелсман, кој по завршувањето на мечот навести дека нема да поднесе оставка.
„Стојам на располагање доколку ДФБ смета дека треба да останам. Ако, пак, одлучат дека не сум вистинскиот човек за оваа функција, доволно е само да ми го кажат тоа“, изјави Нагелсман.
Германскиот стратег нагласи дека, и покрај големото разочарување, не размислува самиот да се повлече од селекторската функција. Според него, одговорноста мора да се преземе, а не да се избегнува во тешки моменти.
„Не сум човек кој бега од одговорност. Тоа е нешто што никогаш не би го направил“, порача Нагелсман.
Мароко ја елиминираше Холандија откако прво постигна гол во судиското продолжение за 1:1 по 120 минути игра, а потоа славеше на пенали со 3:2. Холанѓаните не искористија три обиди од 11 метри, па ударот на Исмаил Саибари му овозможи на Мароко да игра со Канада во осминафиналето.
Капитенот на Мароко, Ашраф Хакими, ја пофали „големата ментална сила“ што ја покажа неговиот тим за да обезбеди место во осминафиналето.
„Успеавме. Не беше лесно. Многу сум уморен во моментов, но многу сум горд на тимот. Знаевме каков натпревар да очекуваме и против кого играме. Пред неколку дена рековме дека мора да останеме фокусирани и да бидеме силни - физички, но и ментално - бидејќи не знаевме колку долго ќе трае натпреварот. Покажавме голема ментална сила и успеавме да се вратиме, забележа со задоволство дефанзивецот на Пари Сен Жермен.
За Холандија, ова е втора последователна елиминација на овој начин, по нивното испаѓање во четвртфиналето од Аргентина на Светското првенство во 2022 година.
„Не можеме да се обвинуваме за ништо. Ова може да се види од тоа колку се скршени играчите, тие имаа сон. Секако, сè можеше да биде подобро. Во одредени моменти видов дека премногу се повлекуваме, не можевме повеќе да притискаме. Но исто така се браневме многу добро“, рече холандскиот тренер Роналд Куман бранејќи го дефанзивниот пристап кон играта.
Куман, кој претходно мораше да се соочи со неодобрување откако отстапи од традиционалната „холандска школа“ на напаѓачки фудбал, сметаше дека играњето со петмина во одбраната е вистинската стратегија за надминување на Северноафриканците.
Сега тој не се извинуваше што стави петмина дефанзивци на теренот.
„Со овој дефанзивен пристап, дадовме многу помалку отколку за време на групните натпревари. Тоа беше позитивно, но бевме и помалку офанзивни“, рече тренерот, кој додаде дека ќе одлучи за својата иднина со тимот откако ќе размисли за елиминацијата на тимот.
Претходно, Бразил во судиското продолжение постигна гол за триумф врз Јапонија и да обезбеди пласман меѓу 16 најдобри репрезентации на светот.










