Заливите на Чирали, во околината на познатото турско летувалиште Кемер кај турска Анталија, кои се меѓу омилените дестинации на дневните тури со брод, беа овековечени со прекрасни кадри од дрон.
Бродовите што испловуваат од Чирали, сместен во прегратките на крајбрежниот Национален парк „Бејдаглари“, во текот на летната сезона ги спојуваат домашните и странските туристи со недопрените природни убавини на регионот.
Во турите што започнуваат во раните утрински часови, бродовите ги посетуваат пештерата Ашиклар (Пештерата на вљубените), и заливите Аквариум, Сазак и Порто Џеневиз.
Заливите, кои пленат со своето кристално чисто море, карпестите брегови и густите шуми, на кадрите снимени од воздух создаваат бајковити пејзажи, каде што се спојуваат зеленилото и синилото.
Првата станица на турата, пештерата Ашиклар (Пештерата на вљубените), нуди уникатно искуство за пливање во самата внатрешност на пештерата, додека заливот Аквариум со својата бистра вода го привлекува вниманието на посетителите. Заливот Сазак, пак, со својата плитка конфигурација на брегот, е вистински рај за оние кои не се вешти во пливањето, а воедно нуди и можност за релаксирачки прошетки низ природата во околната шума.
Заливот Порто Џеневиз, како една од последните станици на оваа рута, со својата мирна атмосфера и природни убавини се издвојува како едно од најомилените места на „сината рута“.
Капетанот на брод, Ѓувен Ајѓун, во изјава за дописникот на Анадолу раскажа дека заливите околу Чирали им нудат на посетителите можност за пливање, но и за поминување време во близина со природата.
Капетанот, кој веќе 5 години управува со сопствен брод, вели: „Во Чирали имаме четири прекрасни заливи кои навистина вреди да се видат и да се посетат. Нашата прва станица е Пештерата на вљубените, а потоа продолжуваме кон заливите Аквариум, Сазак и Порто Џеневиз.“
Раскажувајќи дека турите започнуваат наутро и завршуваат со враќање во Чирали во доцните попладневни часови, Ајгун вели дека гостите имаат можност да пливаат во заливите, да поминат време во природа и да ги откријат уникатните убавини на регионот.
Извор: АА
Фото: Кан Јуџел



















