Европските лидери изразија солидарност со Шпанија по судирот на два брзи воза во провинцијата Толедо денес, при што загинаа најмалку 46 лица, според известувањата на шпанските медиуми, јавува Анадолу.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека е потресена од веста и упати сочувство до семејствата и блиските на жртвите.
„Денес Европа тагува заедно со вас“, напиша таа.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека веста ја примил со „длабока вознемиреност“.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека нејзината Влада е со Шпанија и шпанскиот народ во овие тешки моменти.
Францускиот претседател Емануел Макрон изрази солидарност кон Шпанија, наведувајќи дека мислите му се со жртвите, нивните семејства, повредените и спасувачките екипи.
Белгискиот министер за надворешни работи Максим Прево рече дека несреќата длабоко го потресла, упатувајќи сочувство до семејствата на загинатите и поддршка за повредените и нивните блиски.
Тој додаде дека Шпанија може да смета на целосната солидарност на Белгија.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа упати сочувство до шпанскиот крал Фелипе Шести и премиерот Педро Санчес, посакувајќи им на повредените брзо и целосно закрепнување.
Романскиот министер за надворешни работи Дан Некулеску, исто така, изрази тага поради судирот и сочувство до семејствата на загинатите, посакувајќи им на повредените брзо закрепнување.
Тој додаде дека романските дипломатски и конзуларни мисии се во тесен контакт со шпанските власти и подготвени се да пружат помош.
Бројот на загинатите во судирот се искачи на 46, објавија шпанските медиуми, повикувајќи се на извори од Цивилната заштита.
Причината за несреќата сè уште се истражува, а бројот на повредени засега не е потврден.



























