Нема знаци дека Иран се обидува да ги поправи или обнови нуклеарните објекти и инсталации оштетени во американските и израелските напади оваа и минатата година, иако Техеран го оневозможува пристапот на инспекторите до повеќето од своите атомски локации, изјави синоќа генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси.
Американскиот претседател Доналд Трамп посочи дека една од главните причини САД да ја почнат војната против Иран на 28 февруари била да ја спречат можноста Техеран да развива нуклеарно оружје.
Претходно, тој тврдеше дека американските напади врз иранските нуклеарни постројки во јуни 2025 година ја „избришале“ нуклеарната програма на земјата.
На состанокот на Советот за безбедност на ОН, Гроси го повика Иран да им дозволи на инспекторите на МААЕ пристап до сите нуклеарни постројки во земјата, вклучително и до оние што беа уништени во воздушните напади.
МААЕ соопшти дека по американските бомбардирања минатата година не може да ја потврди состојбата на иранските залихи на ураниум збогатен до ниво блиску до она што е потребно за производство на нуклеарно оружје.
„Од јуни 2025 година не сме идентификувале никаква активност за поправка или реконструкција на ниту една од постројките оштетени во воените напади во 2025 и 2026 година“, истакна Гроси.
Трамп во повеќе наврати го минимизираше економското влијание на војната во Иран, која се заканува да стане пречка за републиканците во пресрет на конгресните избори следната недела. Тој тврди дека повисоките цени на горивата се оправдани доколку со тоа се спречи Иран да се здобие со нуклеарно оружје.
Техеран тврди дека неговата нуклеарна програма е наменета за мирољубиви цели. Сепак, МААЕ соопшти дека Иран располага со 440,9 килограми ураниум збогатен до 60 проценти чистота, што претставува релативно мал технички чекор до нивото на збогатување од 90 проценти потребно за производство на нуклеарно оружје.
Вчерашниот состанок на ОН беше свикан на барање на Бахреин, Данска, Латвија, Франција, Велика Британија и САД, откако МААЕ го извести Советот за безбедност дека Иран не ги исполнува своите обврски за неширење на нуклеарното оружје.
Русија и Кина, сојузнички на Иран, не успеаја во обидите да го спречат одржувањето на состанокот.






















