Министерството за правда соопшти дека ги доставило Нацрт-законот за кривичната постапка и Нацрт-кривичниот законик до Европската комисија за мислење.
Овие закони се однесуваат на прашања што се во самата основа на кривичната правда: како се утврдува одговорноста за сторено кривично дело, како се спроведуваат истрагите, како се обезбедуваат и изведуваат доказите и како се штитат правата на учесниците во постапката.
Нивната подготовка е дел од реформските обврски преземени во процесот на европска интеграција, особено од Реформската агенда, но и од потребата да се надминат слабостите што се покажаа во досегашната примена на казненото законодавство.
„Зад двата предлога стои долгогодишен, транспарентен и инклузивен процес во кој учествуваа претставници на правосудството, академската заедница, надлежните институции и граѓанскиот сектор. Значајна поддршка во подготовката обезбедија и меѓународните партнери, особено Мисијата на ОБСЕ во Скопје. Подготовката на новиот Кривичен законик започна во 2019 година, кога беше формирана експертска група за сеопфатна анализа на постојната кривично-правна рамка. Анализата ја опфати усогласеноста со меѓународните конвенции, правото на Европската Унија и меѓународните стандарди, како и споредбата со кривичните законодавства на државите членки на ЕУ. Резултатите покажаа дека е потребна подготовка на целосно нов Кривичен законик“, соопшти министерството.
Од таму појаснуваат дека од 2020 до 2026 година, работната група предводена од академик Владо Камбовски продолжила со изработката на текстот преку широки консултации со судовите, јавните обвинителства, адвокатурата, државните органи, академската заедница и граѓанските организации.
Во процесот биле вклучени и странски експерти, а се одржале повеќе стручни дебати и јавни расправи.
„Предлогот на Кривичниот законик беше објавен на ЕНЕР во јули 2022 година и доставен до релевантните институции и организации. Во текот на консултациите беа разгледани повеќе од 50 мислења и предлози, а во текстот се вградени 33 релевантни директиви, како и најновите стандарди и правни инструменти на Европската Унија. Паралелно се работеше и на новиот Закон за кривичната постапка. Потребата од негово донесување произлезе од развојот на европското и меѓународното процесно право, но и од практичните и номотехничките недостатоци идентификувани во примената на постојниот закон од 2010 година“, велат од Правда.
Според министерството, во 2021 година била формирана експертска работна група предводена од проф. д-р Гордана Лажетиќ, дописен член на МАНУ, составена од 25 членови од редот на правосудството, академската заедница и граѓанските организации, со задача темелно да ја анализира постојната законска рамка, нејзината усогласеност со меѓународните стандарди и правото на ЕУ и да подготви нов законски текст.
Работната група ја завршила подготовката на Предлог-законот за кривичната постапка во октомври 2026 година. Во него, покрај усогласувањето со 25 најнови релевантни директиви и стандарди на Европската Унија, се предвидуваат решенија за подобрување на повеќе важни сегменти од кривичната постапка.
„Меѓу нив се конфискацијата, правата и заштитата на жртвите на кривични дела, електронските докази, посебните истражни мерки, финансиските истраги, увидот во списите, одржувањето рочишта и изведувањето докази на далечина, постапувањето по обвинителен акт, главната расправа, правните лекови и други прашања од значење за ефикасноста и правичноста на кривичната постапка“, велат од министерството.
Од Правда истакнуваат дека значењето на овие решенија не е само во нивната правна содржина, туку тие треба да овозможат истрагите и судските постапки да се водат поефикасно, доказите да се обезбедуваат и користат согласно современите стандарди, а жртвите на кривични дела да добијат посоодветна заштита.
Истовремено, институциите треба да добијат појасна законска основа за постапување и справување со криминалот и корупцијата.
Со доставувањето на двата предлога до Европската комисија, Министерството за правда продолжува со исполнувањето на обврските од Реформската агенда и усогласувањето на домашното законодавство со европското право.
„Реформата на казненото законодавство не треба да остане само промена на законските текстови. Нејзината вредност ќе се покаже во истрагите, во судниците и во секоја постапка во која граѓаните очекуваат правична и навремена одлука. Европските стандарди треба да станат дел од секојдневната правна практика, а не само формална определба. Правосудниот систем мора да располага со закони што овозможуваат ефикасна борба против криминалот, еднаква примена на правото и одговорност без исклучоци“, соопшти министерството.



























