Бројот на жртви од двата разорни земјотреси што ја погодија Венецуела минатата недела се искачи на повеќе од 1.700. Околу 5.000 луѓе се повредени, а повеќе од 15.000 останаа без покрив над главата.
Во најтешко погодените области - главниот град Каракас и покраината Ла Гваира - речиси 200 згради се целосно уништени. Десетици илјади луѓе се водат како исчезнати, а со секој изминат час шансите спасувачите да пронајдат преживеани во урнатините се намалуваат.
Сепак, успешните спасувачки операции пет дена по земјотресот даваат надеж.
„Јас сум млад човек кој помина пет дена заробен под урнатините на зграда, но денес сум тука и жив, благодарение на Бога. Тој е единствениот што ме извлече оттаму и ги испрати своите ангели. Ова се луѓето што неуморно работеа за да ме спасат, рече Арон Леви Кантиљо.
Моќните двојни земјотреси што ја погодија Венецуела минатата недела оштетија или уништија повеќе од 58.000 згради, според прелиминарната проценка на сателитските податоци објавени од американската вселенска агенција НАСА.
„Продолжуваме со нашите напори за спасување на преживеаните, што нè исполнува со емоции и надеж за нивните семејства и за нашиот народ, кој е сведок на неуморната работа на венецуелските спасувачки екипи и меѓународните бригади“, изјави Делси Родригез, вршител на должноста претседател на Венецуела.
Министерот за надворешни работи на Венецуела во меѓувреме изрази благодарност за поддршката од Туркије, која испрати екипи за пребарување и спасување.
„Би сакале да им се заблагодариме на турската Влада, на претседателот Реџеп Таип Ердоган, како и на сите екипи распоредени во Венецуела што не се двоумеа да ја дадат својата поддршка во екот на ваква голема криза“, изјави за Анадолу Ивaн Гил, откако заедно со министерот за одбрана на земјата, Густаво Гонзалез Лопез, го посети турскиот тим за пребарување и спасување кој работи во Ла Гваира, епицентарот на катастрофалниот земјотрес.
„Присуството на турската делегација, на тимовите за пребарување и спасување, како и опремата што ја донесоа е од огромно значење. Лично разговарав со министерот за надворешни работи, Хакан Фидан, за да ги координираме овие напори за помош; навистина сме благодарни за сета поддршка што ни е дадена“, додаде тој.
Посочувајќи дека слушнал оти дополнителна помош е на пат од Турција, тој изјави: „Добивме вести за нова помош и ја очекуваме поддршката. Солидарноста на нашиот турски братски народ ја чувствуваме секој момент. Ваквите моменти уште еднаш потврдуваат дека две земји кои се разбираат меѓусебно се братски земји.“












