Албанскиот министер за Европа и надворешни работи, Ферит Хоџа, претпладнево Тирана го пречека израелскиот колега, Гидеон Саар, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството, во фокусот на средбата било натамошното зајакнување на билатералните односи меѓу Албанија и Израел, како и размената на мислења за регионалните и глобалните безбедносни предизвици, вклучително и придонесот на Албанија во рамките на Одборот за мир.
„Министерот Хоџа истакна дека односите меѓу Албанија и Израел се засноваат на посебна историја на пријателство, почит и солидарност, кои претставуваат цврста основа за проширување на билатералната соработка во иднина“, се наведува во соопштението.
Според соопштението, за време на посетата, министерот Хоџа и неговиот колега го потпишаа Договорот за општа соработка, кој претставува важен чекор во зајакнувањето на партнерството меѓу двете земји.
„Договорот воспоставува широка рамка за меѓувладина соработка и механизам за развој на конкретни партнерства во области од заемен интерес, како што се економијата и трговијата, иновациите и технологијата, земјоделството, управувањето со водните ресурси, енергетиката, здравството, образованието, безбедноста, туризмот и културата. Особено, соработката во областа на туризмот бележи многу позитивен развој во последните години, претворајќи се во еден од најдинамичните и најперспективните сектори на билатералните односи“, се истакнува во соопштението.
За време на средбата, министерот Хоџа ја потврди позицијата на Албанија во поддршка на безбедноста на Израел, истовремено нагласувајќи ја важноста на напорите за постигнување решение што ќе гарантира мир, стабилност и долгорочна безбедност за целиот регион, се наведува понатаму.
„Посетата послужи и како можност за повторно потврдување на посветеноста на Албанија во борбата против тероризмот, екстремизмот, антисемитизмот и сите форми на омраза. Во овој контекст, министерот Саар ја посети архивската изложба што ја документира познатата албанска традиција на заштита на Евреите за време на Втората светска војна, поглавје од историјата на нашата земја со кое се гордееме. Двајцата министри ја истакнаа важноста од продолжување на политичкиот дијалог и соработката на сите нивоа, преку постојана координација меѓу двете земји, со цел натамошно зајакнување на партнерството меѓу Албанија и Израел“, се наведува во соопштението.




















