Македонскиот премиер Христијан Мицкоски оствари средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во Палатата Долмабахче во Истанбул.
Според објавата на премиерот Мицкоски, на средбата била потврдена „традиционално блиската, пријателска и стратешка соработка меѓу двете држави.“
„На средбата беше изразено заедничко задоволство од одличните политички односи, кои се темелат на меѓусебна почит, доверба и искрено пријателство меѓу двата народа. Разговаравме за можностите за дополнително продлабочување на економската соработка, зголемување на трговската размена, нови инвестиции, како и за унапредување на соработката во областа на инфраструктурата, енергетиката, туризмот, образованието и одбраната“, вели Мицкоски.
Како што истакнува, тој ја нагласил „важноста на Турција (Туркије) како значаен економски и политички партнер, истакнувајќи дека Владата останува посветена на создавање поволна и предвидлива деловна клима за нови турски инвестиции и отворање нови работни места.“
„Претседателот Ердоган ја потврди поддршката на Турција (Туркије) за развојот и просперитетот на Македонија, како и подготвеноста за понатамошно зајакнување на билатералните односи во сите области од заемен интерес“, потенцира Мицкоски.
Додаде дека во рамки на разговорите биле разменети мислења и за актуелните регионални и меѓународни предизвици, при што беше нагласена потребата од стабилност, соработка и економски развој на регионот.
„Изразивме уверување дека односите меѓу двете пријателски држави ќе продолжат да се развиваат со уште посилна динамика во периодот што следува“, наведе Мицкоски.















