Низ просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“
КУЛТУРА
3 мин читање
Низ просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“Во овие простории се чуваат ракописи кои преживеале векови, војни и цели политички епохи
Низ просториите на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ / TRT Balkan MK
3 јануари 2026

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ е местото каде што, по закон, завршува секоја книга што некогаш е објавена во државата. Пет примероци од секое издание задолжително се депонираат во нејзините фондови- тивок, но прецизен механизам преку кој се чува пишаната меморија на државата.

Библиотеката е основана во 1920 година, заедно со тогашниот Филозофски факултет во Скопје. Во разговор со ТРТ Балкан, директорот на НУБСК, Јовица Никчевски, објаснува дека таа уште во раните децении ја надминува улогата на факултетска библиотека. 

„Иако формално била факултетска, таа била отворена за сите читатели и претставувала прва јавна, градска библиотека во Скопје во тоа време“, вели Никчевски. 

Во 1941 година станува Народна библиотека, а по ослободувањето на Македонија, во 1944 година, АСНОМ ја носи одлуката за именување на првиот директор во слободна Македонија- Георги Шоптрајанов.

Денес, библиотеката располага со фонд од над три милиони библиотечни единици, од кои значаен дел се прогласени за културно наследство. Вкупно 11 збирки имаат статус на заштитено културно добро. 

„Во нашите фондови чуваме словенски ракописи од XIII век, османлиско-турски и персиски ракописи, старопечатени книги, како и стара периодика – списанија и весници од XVIII, XIX и XX век“, истакнува Никчевски. Меѓу особено вредните содржини се и ракописи и посвети поврзани со патронот на библиотеката, како и еден фрагмент што, според истражувањата, се смета за порака од Св. Климент Охридски.

Посебно значајно место заземаат специјалните колекции, сместени во Археографскиот центар. Раководителката на секторот, Зорица Јаковлевска Спировска, појаснува дека токму таму се чува највредниот дел од пишаното културно наследство. „Во Археографскиот центар се наоѓа збирката на старословенски ракописи, меѓу кои и фрагмент од ракопис од XIII век, како и збирката на инкунабули – првите печатени книги, и збирката на старопечатени и ретки книги, која е најбогата од ваков тип во државата“, вели таа.

Покрај зачувувањето на минатото, библиотеката активно работи и на својата трансформација кон дигиталната ера. 

„Се адаптираме според потребите на корисниците преку дигиталната библиотека на Македонија. Нашата цел е да изградиме голема платформа со значително поголем дигитален фонд“, посочува директорот Никчевски. Во таа насока, започната е и соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, со фокус на подобар пристап, примена на вештачка интелигенција и, како што нагласува, „исполнување на интернет-просторот со македонска кирилица“.

Во овие простории се чуваат ракописи кои преживеале векови, војни и цели политички епохи. Затоа, Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ не е само зграда со полици и книги, таа е институција што тивко, но истрајно ја чува целата пишана историја и идентитет на една нација.


Повеќе
ТМВ го одбележа Денот на прифаќањето на турската национална химна
Почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили
Македонската гајда и турскиот тулум ќе се претстават во Истанбул
Министерство за култура и туризам: Премиерата на филмот „Диџеј Ахмет“ во Брисел ја одушеви публиката
Турската општина Арнавуткој организираше ифтарска програма во Долнени
Ткаенината на еден народ: Македонската традиција од етнолошка перспектива
Почина актерот Роберт Дувал, добитник на Оскар и две награди Еми
Владина делегација во Париз на средби со високи претставници на УНЕСКО
Јубилејното 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ од 5 до 12 јуни во Прилеп
Вашингтон пост, во сопственост на Џеф Безос, отпушта од работа над 300 новинари
Бројни критики и реакции против произраелски документарец во Косово
Филмот „Грешници“ доби рекордни 16 номинации за Оскар
„Као какао“ - прв македонски мјузикл на музика на Влатко Стефановски, премиерата во мај
Со традиционално дефиле на маски и костуми започна Вевчанскиот карневал
Филмовите „Една битка по друга“ и „Хамнет“ добитници на главните награди Златен глобус
Студија: Музичарите од Балканот систематски маргинализирани од ЕУ
Денот на наставата на турски јазик одбележан во Кичево
Турската заедница го одбележа Денот на наставата на турски јазик
Наставниците по турски јазик го пренесуваат својот мајчин јазик од генерација на генерација
Во Скопје се одржа панел-дискусија за присуството на турскиот јазик на Балканот