Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека засега нема да потпише документ со кој се воведуваат дополнителни мерки против Русија, објаснувајќи дека таков потег би можел да ги загрози преговорите насочени кон ставање крај на војната во Украина.
„Мојата одлука во врска со Русија е многу едноставна, работам на постигнување мир меѓу Русија и Украина и не сакам да преземам никаков чекор што би ја оддалечил Русија од преговарачката маса“, рече Трамп.
Претседателот на САД истакна дека е постигнат значителен напредок во преговорите, вклучително и во делот за размена на заробеници.
Трамп додаде дека би можел наскоро да го потпише документот или во кој било момент кога ќе процени дека е потребно.
Американскиот претседател не изнесе детали за преговорите, ниту пак прецизираше на кои заробеници мисли.
Изјавата на Трамп доаѓа по контроверзиите околу одлуката на неговата администрација да го одложи спроведувањето на нови санкции и царини насочени кон Русија, како и кон земјите што купуваат руски енергенси.
Мерките, одобрени од Конгресот, вклучуваат санкции против руски функционери, банки и трговци со енергенси, како и можно воведување високи царини за земјите што продолжуваат да увезуваат руска нафта и гас.
Како причина за избегнување зголемен притисок врз Москва, Трамп ја наведе ограничената поддршка што Русија му ја дава на Иран.
„Русија прави многу малку, ако воопшто и прави нешто, за да ѝ помогне на Исламската Република Иран – во споредба со она што би можела да го направи – и сакам така и да остане“, рече тој. Тој остро го критикуваше украинскиот претседател Зеленски поради украинските напади врз руските рафинерии за нафта и дизел.
Трамп изјави дека Зеленски ги продолжил нападите иако знае дека предизвикуваат сериозна штета на глобалниот пазар на дизел, вклучително и на пазарот во САД.
Тој посочи дека земјоделците, сточарите и бизнисите трпат штета поради повисоките цени на горивата, додека Русија продолжува да испорачува милиони барели дизел на меѓународните пазари по ниски цени.
„На Зеленски не му е грижа“, рече тој, обвинувајќи го украинскиот лидер дека нема интерес за ставање крај на војната. Трамп изјави дека Зеленски можел да постигне подобар договор пред две години, додавајќи дека Украина сега е во урнатини, откако изгубила огромни територии и претрпела тешки загуби во човечки животи.
„Сакам оваа војна да заврши“, додаде тој.
Трамп се соочи со критики од Киев, како и од законодавци од двете главни политички партии во САД, во врска со неговиот пристап кон Русија – вклучително и одложувањето на воведувањето дополнителни санкции, како и одлуката на Вашингтон да дозволи увоз на руски дизел.
Зеленски нагласи дека намалувањето на притисокот врз Москва само ќе ја охрабри Русија да ја продолжи војната, наместо да придонесе за нејзино завршување.
Украина ги оправда своите напади врз руската енергетска инфраструктура како одговор на постојаните напади на Москва врз украинските енергетски постројки, како и како обид да се намалат приходите што се користат за финансирање на руската воена кампања. Трамп, сепак, во повеќе наврати го повика Киев да престане со нападите врз руските рафинерии, тврдејќи дека таквите напади придонесуваат за пораст на цените на енергенсите на глобално ниво.



















