Премиерот на Белгија, Барт де Вевер, денес поднел оставка откако разговараше со кралот Филип нешто повеќе од еден и пол час во Кралската палата во Брисел, објави палатата.
Според извештаите, кралот сега ќе ја разгледа таа одлука и ќе се консултира со партиските лидери на различните коалициски партнери почнувајќи од утре, објавува ВРT.
Кралот Филип изјави дека жали што не е постигнат договор за буџетот за време на ноќната дебата во владата и додаде дека Белгија не може да си дозволи продолжена политичка криза.
Исто така, тој ги повика сите страни вклучени во разговорите за буџетот „да дадат приоритет на јавниот интерес и подготвеноста за компромис“.
Кралот повторно ќе го прими премиерот во петок, беше наведено.
Порано утрово, медиумите објавија дека белгиската влада повторно не успеала синоќа да постигне договор за буџетот за следната година, по што беше објавено дека премиерот може да поднесе оставка.
Владата со месеци дебатира за намалување на буџетот во вредност од 10 милијарди евра и зголемување на даноците.
Де Вевер тврди дека овие мерки се неопходни за да се држат државните финансии под контрола.
Неговата фламанска националистичка партија Н-ВA и либералната MР бараат намалување на трошоците за здравство, додека нивните социјалистички и центристички коалициски партнери бараат повисоки даноци на богатство.
Каматните стапки на белгиските државни обврзници нагло се зголемија во последните месеци.
Де Вевер предупреди дека претстојната „спирала на долг и камата“ ќе ја принуди владата да позајмува пари само за да плаќа камата на постојните кредити.
Според уставниот систем на Белгија, кралот може да одбие да ја прифати оставката на премиерот или да ја задржи на разгледување, со цел да им даде повеќе време на коалициските партнери да постигнат договор.
Алтернативно, тој би можел да ја прифати оставката, при што владата би продолжила да функционира како преодна влада со ограничени овластувања, сè додека не се постигне нов политички договор.
Овој најнов застој доаѓа по слична криза кон крајот на 2025 година, кога федералната влада се обидуваше да обезбеди заштеди во износ од околу 10 милијарди евра.
Во тоа време, Де Вевер побара од кралот продолжување на рокот за 50 дена, наместо да понуди оставка.
Коалицијата на крајот постигна договор на 24 ноември, обезбедувајќи заштеди од 9,2 милијарди евра.






















