Во подрачјето на турски Зонгулдак, 76-годишниот Јуксел Ајдин, кој веќе 55 години работи како мајстор металостругар, и покрај соочувањето со Паркинсоновата болест, продолжува да го одржува својот занает во живот, работејќи рамо до рамо со својот син и внук во истата работилница.
Ајдин, кој во 1966 година се школувал во Центарот за обука на чираци отворен од страна на Турската корпорација за јаглен (ТТК) со цел да се подготват технички кадри во градот, подоцна започнал да работи како металостругар во Централната работилница на ТТК.
Сонувајќи да го практикува занаетот во сопствен дуќан, Ајдин по околу 7 години работа во корпорацијата го напуштил работното место и ја отворил својата работилница во центарот на градот.
Со години творејќи и поправајќи за индустрискиот сектор, Ајдин врши одржување, сервисирање и производство на кранови, вагони, влекачи и тешка механизација. Преку искористување на неупотребливите делови од возила, тој со сопствени сили успева да произведе и тешки машини, постојано унапредувајќи ја својата професија со системи кои самиот ги развива.
Познат во градот како „татко на металостругарите“, Ајдин им го пренесува со години стекнуваното знаење и искуство на својот син и внук, продолжувајќи го занаетот низ три генерации.
И покрај Паркинсоновата болест, овој 76-годишен мајстор со енергија и волја за работа секој ден чекори кон својата работилница, служејќи како светол пример за целата околина.
Тоа е жар, љубов, пасија
Ајдин за Анадолу раскажа дека неговиот интерес кон железото се родил уште во основното училиште.
Раскажувајќи дека како дете правел печки од буриња за масло, Ајдин вели: „Оние што доаѓаа во Зонгулдак од другите градови, купуваа од моите печки. Ги палеа во своите домови. Од бурињата за масло правев печки за дрва и јаглен, ги продавав. Вака се роди мојата љубов кон железото.“
Тој сподели дека неговиот учител од основното училиште му рекол: „Ти ќе бидеш занаетчија“, зборови кои засекогаш останале врежани во неговото сеќавање.
Нагласувајќи дека својата професија ја работи со огромна љубов, Ајдин вели: „Тоа е жар, љубов, пасија. Кога го започнував овој бизнис, си реков: ’Само да имам една брусилка, едно менгеме и апарат за заварување, ништо друго не барам.‘ Првата струг-машина ја направив сам, со сопствени можности. Потоа ја зголемив работата, купив нова, приспособена на модерната технологија. Така чекоревме напред.“
Пред извесно време му била дијагностицирана Паркинсонова болест, но Ајдин вели дека се труди да ја надмине болеста токму преку работата.
Ако не се раѓаат чираци, не можеш да создадеш мајстори
„Сега ја нема некогашната сиромаштија, има благосостојба. Ние порано од сиромаштија не можевме ни гумени чевли на нозете да ставиме. Сега има пари, има сè, децата не гледаат мака. Но, за развој на една земја, чиракот е неопходен. Ако не се раѓаат чираци, не можеш да создадеш мајстори. А сè додека нема вистински мајстори, една земја никогаш не може да напредува.“
Tајната на неговото долгогодишно опстојување во професијата е токму „љубовта“ кон работата Тој додава дека заедно со синот и внукот ја извршуваат секоја можна задача поврзана со метал.
„Се занимаваме со секакви работи поврзани со метал. Ништо не ни бега од рака, сè правиме и успеваме да го совладаме. Новото секој знае да го направи, но уметноста е да го поправиш старото. Навистина е тешка работа да го откриеш дефектот, да го санираш, да го вклопиш. Но, ние ги изработуваме и ги обезбедуваме деловите што недостасуваат. Можеме да го постигнеме истиот квалитет, па дури и повисок од оригиналниот“, вели тој.
Синот на Јуксел Ајдин, 51-годишниот Хасан Ајдин, раскажа дека неговото детство поминало во индустриската зона, веднаш до неговиот татко. Тој вели дека занаетот го работат со голема љубов и дека на истиот начин го запознале и неговиот син со професијата.
„Ако не ја сакаме оваа работа, не би можеле да ја работиме. Ако успееме да му го пренесеме тоа на нашиот син, нема посреќни од нас. А дали тој понатаму ќе го пренесе на некој друг, тоа ќе биде негов избор. Ние го правиме она што е потребно“, рече Хасан.
21-годишниот внук, Али Реџеп Ајдин, вели дека е вистинско задоволство да се учи занаетот од неговиот дедо и татко.
„Ова е прекрасно чувство, нема секој ваква прилика. А кога учиш од најдобрите во работата, тогаш е уште подобро. Дедо ми и татко ми се најдобрите мајстори во овој занает. Се надевам дека еден ден ќе ги надминам и ќе бидам уште подобар од нив. Тоа е мојата цел.“
Извор: АА

















