Израелски воени авиони денес извршија воздушен напад врз периферијата на град во Јужен Либан и покрај преговорите меѓу Либан и Израел што се одржуваат во Вашингтон, САД, објави либанската државна Национална новинска агенција.
Нападот се случи околу 07:30 часот по локално време кон периферијата на Набатие ал-Фавка, според информациите на новинската агенција.
Сѐ уште нема информации за жртви или за предизвикана материјална штета.
Ова се случи откако Стејт департментот на САД денес соопшти дека петтата рунда од преговорите во Вашингтон е продолжена за уште еден ден, иако првично беше предвидено разговорите да завршат вчера.
Од Стејт департментот соопштија дека по одлуката за продолжување, петтата рунда од преговорите што започна на почетокот на неделава, ќе продолжи утринава.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот ирански колега Масуд Пезешкијан на 18 јуни електронски потпишаа меморандум за разбирање. Договорот вклучува одредба со која се повикува на итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан.
Во израелските напади врз Либан се убиени повеќе од 4.100 луѓе, а повредени се над 12.000 други од 2 март, покажуваат официјалните либански податоци.













