Бројот на жртви од силниот земјотрес што го погоди јужниот филипински остров Минданао во понеделник се искачи на најмалку 32, а повеќе од 130 лица се повредени, соопштија претставници на Одделот за управување со катастрофи, додека Манила ги засили операциите за пребарување и спасување.
Се проценува дека малку повеќе од 200 лица се повредени, а десетина се водат како исчезнати.
Прелиминарната проценка е дека земјотресот оштетил 37 згради, претежно комерцијални, од кои некои се целосно уништени.
Епицентарот на земјотресот бил на отворено море, на длабочина од 45 километри, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Според очевидци објавени на веб-страницата на EMSC, земјотресот бил почувствуван исклучително силно и траел долго време.
По главниот земјотрес, следеле дури 138 последователни потреси, со интензитет од 1,3 до 6,7 степени според Рихтеровата скала.
Земјотресот, кој предизвика предупредувања за цунами во неколку земји, се случи рано во неделата на околу 20 км од брегот на покраината Сарангани, а потресите беа почувствувани низ целиот Минданао и на 420 км оддалеченост во градот Манадо на индонезискиот остров Сулавеси.
Жителите на најтешко погодената област, градот Генерал Сантос, дом на околу 700.000 луѓе, го опишаа стравот што го почувствувале за време на земјотресот, велејќи дека никогаш порано не доживеале нешто слично.
Филипините ги мобилизираа војската и тимовите за одговор при катастрофи.
Предупредувањата за цунами беа повлечени по повеќе од шест часа во јужните Филипини, северна Индонезија и малезиската држава Сабах на островот Борнео, каде што на крајбрежните жители им беше кажано веднаш да се евакуираат на повисоки места.
Катастрофата се случи осум месеци откако Филипините го претрпеа најсмртоносниот земјотрес во последните 12 години, кога плиток земјотрес со јачина од 6,9 степени го погоди централниот остров Себу, при што загинаа 79 лица.
Две недели подоцна, два силни земјотреси го погодија Минданао, од кои најсилниот беше со јачина од 7,4 степени.














