Во просториите на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје се одржа прес-конференција по повод концертот на духовна музика кој утре на 24 јуни со почеток од 19.30 часот ќе се одржи во Скопје, а на кој ќе настапат еминентниот уметник, изведувач на духовни песни (илахии) хафиз Бурхан Шабан, како и гостинот, турскиот уметник Мустафа Демирџи.
На прес-конференцијата се обратија директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје Јунус Дилбер, директорот на Халкбанк во Скопје, Фатих Шахбаз, претседателот на Здружението Енсар од Скопје, проф. др. Сулејман Баки, во својство на организатори и поддржувачи на концертот, а свои обраќања имаа и уметниците Бурхан Шабан и Мустафа Демирџи.
Бурхан Шабан не го криеше своето задоволство и восхит затоа што ќе одржи концерт во родниот град и градот во којшто израснал, притоа нагласувајќи дека Скопје за него има посебно значење.
„Овој концерт за мене претставува и знак на благодарност, спомен и средба на срцата. Да му се обратам на мојот народ во градот каде што помина моето детство и каде што ги сонував своите соништа е чувство што не може да се опише“, рече Шабан.
Тој појасни дека концертот се одржува во периодот на исламската Нова година, што му дава дополнително значење, и ги покани љубителите на уметноста да присуствуаат на утрешниот концерт.
Уметникот Мустафа Демирџи во своето обраќање ја нагласи обединувачката сила на суфиската музика и истакна дека делата што ќе бидат изведени на различни јазици всушност ја носат истата порака.
„Уметноста и културата, иако се изразуваат на различни јазици, секогаш зборуваат за истото – братството, единството и заедничките чувства. Суфиската музика е најубавиот израз на запознавањето преку срцето“, нагласи Демирџи.
Тој додаде дека чувствува силна духовна поврзаност со Скопје и Балканот и изрази надеж дека концертот ќе придонесе за братството и културното единство.
Претседателот на Здружението Енсар, проф. д-р Сулејман Баки, истакна дека концертот се организира по повод исламската Нова година и дека ќе има важна улога, потенцирајќи дека Скопје всушност е град кој претставува своевиден културен мост.
Баки појасни и дека во текот на концертот во скопската Филхармонија, ќе бидат изведувани дела на турски, албански, босански, македонски и арапски јазик, со што ќе бидат обединети различни култури.
Директорот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Јунус Дилбер, изјави дека настанот се организира по повод 1500 години од раѓањето на Пратеникот Мухамед.
Тој посочи дека слични активности се организираат ширум светот и најави дека по концертот на посетителите ќе им биде послужена ашура.
Генералниот директор на Халкбанк Скопје, Фатих Шахбаз, изрази задоволство што банката ги поддржува културните и уметничките активности и нагласи дека изведбата на концертот на четири јазици ја одразува културната разновидност на македонското мултиетничко општество.
Шахбаз истакна дека ваквите настани придонесуваат за општествената кохезија преку обединување на различностите.
Концертот на духовна музика, кој преку универзалниот јазик на музиката ќе обедини различни култури, ќе се одржи утре, на 24 јуни со почеток во 19:30 часот во салата на Македонската филхармонија во Скопје. Влезот е бесплатен.

















