Пакистан денес „срдечно“ го поздрави привремениот мировен договор меѓу САД и Иран за прекин на нивната повеќемесечна војна, кој „ја обезбедува многу потребната доверба и стабилност за глобалните пазари и за светската економија.
„Овој значаен успех ја одразува моќта на континуираниот дипломатски ангажман и колективната решеност на пријателските земји да изберат дијалог наместо конфронтација“, наведе шефот на пакистанската дипломатија, Ишак Дар, во објава на американската компанија за социјални медиуми Х.
Дар истакна дека долгоочекуваниот развој на настаните исто така испраќа „утешна“ порака до меѓународната заедница и ја обезбедува неопходната доверба и стабилност на глобалните пазари и светската економија, особено за земјите во развој кои се најранливи на регионалната нестабилност.
Тој додаде дека во текот на овој период Пакистан останал активно ангажиран со сите засегнати страни и постојано заговарал воздржаност и конструктивен ангажман, нагласувајќи дека дијалогот и дипломатијата остануваат единствените остварливи средства за решавање на сите прашања.
„Ја цениме довербата што раководствата на Соединетите Американски Држави и на Иран ја покажаа кон Пакистан и ја поздравуваме нивната посветеност да останат ангажирани во потрагата по мирен исход преку преговори“, истакна тој.
Дар исто така им се заблагодари на Саудиска Арабија, Катар, Туркије и Египет, како и на ОН и меѓународните партнери, за „поддршката и искрените дипломатски напори и помошта за постигнување на овој важен напредок.
„Додека преговорите за преостанатите прашања продолжуваат, Пакистан е подготвен да го поддржи секој напор насочен кон зајакнување на овој напредок“, додаде тој.
„Со нетрпение ја очекуваме официјалната церемонија на потпишување на 19 јуни во Женева и остануваме уверени дека овој позитивен развој ќе го трасира патот за траен мир, стабилност и заеднички просперитет за регионот и пошироко, иншала (со Божја волја)“, наведе пакистанскиот министер.
Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф утринава објави дека САД и Иран постигнале договор по интензивните преговори, при што двете страни прогласија итен и траен прекин на воените операции на сите фронтови, вклучително и во Либан.


















