Која е цената на преполните плакари облека што не ја гледаме?
КУЛТУРА
5 МИН ЧИТАЊЕ
Која е цената на преполните плакари облека што не ја гледаме?Во Северна Македонија, на депониите се фрла до 10.000 тони текстилен отпад годишно, или во последните пет години биле фрлени над 40.000 тони отпад од облека и текстилни производи, стои во извештаите на Државниот завод за статистика.
Брзата мода и консумеризмот го зголемуваат проблемот со текстилниот отпад     Фото: Reuters / Reuters

Празнична сезона, преполни бутици, попусти и најнови колекции од омилениот бренд облека. Сепак, шопинг треската не е така наивна, особено ако се земе во предвид количината на текстилен отпад која се создава. Во Северна Македонија, на депониите се фрла до 10.000 тони текстилен отпад годишно, или во последните пет години биле фрлени над 40.000 тони отпад од облека и текстилни производи, стои во извештаите на Државниот завод за статистика.

Овој отпад може да создаде загадување од синтетичките материјали во почвата. Ако се спалува на депониите испушта и стакленички гасови. Текстилот е материјал кој, во пракса, најмалку се рециклира, а со рециклирањето може да има низа примени како на пример за производи во градежништвото.

ТРТ Балкан анализираше дали покрај модното освестување, граѓаните може да бидат и еколошки освестени со облеката.

Како се третира текстилниот отпад?

Текстилниот отпад од индустријата, покрај отпадот од облека кој го создаваат граѓаните во Северна Македонија и натаму нема едно сеопфатно решение. Текстилните компании очекуваат појасни и поедноставни царински процедури.

Речиси 80% од текстилот е од таканаречено „лон“ производство или во превод се шие во домашните конфекции, а нарачателот е од странство. Тоа значи дека материјалот се презема од нарачателот со банкарска гаранција, а потоа се плаќаат царинските трошоци за извозот на текстилните производи.

Во овој случај, отпадот од производството исто така треба да биде царинет. Компаниите се соочуваат со трошоци и до 1,5 милиони евра годишно за сите обврски на селектирање, складирање и превоз на материјалите. Голем дел од тој отпад потоа завршува на депониите под царински надзор, а само мал дел се реупотребува.

Во подготовка се законски измени со кои овој отпад не смее да заврши на комуналните депонии. Меѓу решенијата се дел од текстилот да се користи како гориво за согорување, дел да биде рециклиран за градежни материјали, а некои производители да го користат отпадот за полнење, на пример перници или боксерски вреќи.

Одговорност има и потрошувачот

Последните месеци од годината се резервирани за потрошувачот. Празничната сезона ги празни рафтовите на трговците. Во САД создадени се и два специјални потрошувачки празници кои веќе насекаде во светот се применуваат. „Блек Фрајдеј“ или „Црн петок“ е ден со огромни попусти во сите продавници. Потоа следи „Сајбер Мандеј“ со попусти во онлајн шопингот.

Како нивен одговор во последните години се одбележува и „Вторник на подарувањето“, акција која е сосема спротивна на претходните две.

Наместо масовен шопинг, се организира размена или подарување парчиња облека кои веќе не ви се потребни. Наместо да завршат во канта за отпадоци, облеката продолжува да се користи.

Според организацијата „Модна револуција Македонија“, одговорност има и кај модните дизајнери, како и кај потрошувачите. Решенијата се да се купува облека од локални брендови, да се примени праксата на нула отпад во креирање нови парчиња, како и да се употребуваат одржливи материјали кои не влијаат негативно врз животната средина.

Какви проблеми создава текстилниот отпад?

Европските граѓани во просек фрлаат по 11 килограми облека, а купуваат 26 килограми годишно. ЕУ во текот на оваа година подготви нова стратегија за одржливост во текстилот и модната индустрија. Главен предизвик ќе биде да се намалат последиците на брзата мода, каде глобалните брендови произведуваат масовни колекции и ги продаваат по ниски цени, а притоа создаваат огромни последици врз природата.

Потрошливоста, краткорочната употреба и фактот што за мала сума може постојано да го полните вашиот плакар го создава големиот проблем со отпадот. Се проценува дека до 2050 година, со овие стапки на потрошувачка, дури една четвртина од загадувањето со јаглероден диоксид ќе се должи на модната индустрија.

Затоа во цената на едно парче облека ќе мора да се пресмета и трошокот кој го предизвикува врз животната средина и загадувањето.

ИЗВОР:TRT Balkan
Повеќе
Калибаф: Иран ги напушти разговорите во Швајцарија по заканите на Трамп
Пезешкијан: Ефективноста на мировните преговори зависи од целосната посветеност
Израелските акции и шекелот во пад по преговорите САД-Иран
Трамп: Ормутскиот теснец е целосно отворен, а бродскиот сообраќај е нормализиран
Нетанјаху потврди: Израелските трупи ќе останат во јужен Либан
Иран: Завршија техничките разговори со САД во Швајцарија
Иран: Не се преземени дополнителни обврски за нуклеарните инспекции
Ердоган телефонски разговараше со Пезешкијан: Важно е да се преземат сите мерки за регионален мир
Туркије: Ја следиме состојбата на повредените морнари од дрон во Црното Море
Вучиќ разговарал со иранскиот претседател за прекинот на огнот и мировните преговори
Продлабочена интеграција за Молдавија во ЕУ пред формалното пристапување
Ердоган: Анкара ќе добие глобална дипломатска важност со самитите на НАТО и туркиските држави
ЕУ најостро ги осуди изјавите на Бен Гвир дека „Либан треба да гори“
Рама се сретна со Макрон во Париз: Франција ја поддржува Албанија во ЕУ
Пезешкијан предупреди против пораките кои може да поттикнат поделби во Иран