Германскиот канцелар Фридрих Мерц, изјави во четвртокот пред самитот во Брисел дека европските лидери сè уште се длабоко поделени околу следниот долгорочен буџет на Европската унија, .
„Нè очекуваат тешки преговори“, им рече Мерц на новинарите на местото каде што се одржува самитот, додавајќи дека лидерите ќе водат интензивни и конструктивни разговори, но дека е малку веројатно оти ќе се постигне договор во наредните денови.
„Би сакал до крајот на годината да постигнеме резултат во однос на повеќегодишната финансиска рамка, иако ставовите во рамките на Европската унија денес се многу оддалечени едни од други“, рече тој.
„Нè очекуваат тешки преговори, но во нив влегувам со цврста волја да ги доведам до добар исход. Бидејќи Европа мора да остане способна за дејствување и да стане суверена“, додаде тој.
Мерц го критикуваше најновиот компромисен предлог на Ирска за буџетот на ЕУ, наведувајќи дека планираните кратења се далеку од она што е потребно за да се постигне договор.
„Мораме значително да го намалиме заедничкиот буџет во споредба со предлозите на (Европската) комисија. Ниту една земја-членка на Европската унија не може да си дозволи да плаќа придонеси кон Европската унија во толкав обем“, рече тој.
Мерц истакна дека сегашниот предлог е за 50% повисок од нивото на финансирање во тековната повеќегодишна финансиска рамка и инсистираше на тоа дека одбраната и конкурентноста на ЕУ треба да бидат приоритети во следниот буџет.
Прашан за ветувањата на ЕУ за помош на Украина, германскиот канцелар рече дека Европејците треба да ги зголемат финансиските средства за да осигурат дека поддршката за Украина ќе остане одржлива на долг рок.
„Останувам цврсто убеден дека ние не го браниме само територијалниот интегритет на Украина, туку го браниме и политичкиот поредок во Европа, кој Русија го доведува во прашање во секој поглед“, рече тој.
Прашан за можноста руските средства, кои се замрзнати во ЕУ, да бидат ставени под контрола на САД, Мерц ја отфрли таа идеја.
„Станува збор за средства што се замрзнати во Европа. Тие треба да останат замрзнати во Европа. Ова е наша работа и ние одлучуваме за тоа“, рече тој.
Фајненшел тајмс во средата, повикувајќи се на добро упатени извори, објави дека Соединетите Држави им предложиле на европските држави да се одмрзне дел од рускиот имот и да се префрли во финансиски механизам под контрола на Вашингтон, со цел да се оживеат мировните преговори со Москва.
Планот бил претставен од американскиот специјален пратеник Стив Виткоф и Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, но бил одбиен од европските претставници, наведува весникот.


























