| Macedonian
ПОЛИТИКА
7 мин читање
По „повикот за будење“: Дали може да заживее безбедносна рамка меѓу земјите од Заливот и Иран
Постои „вистински интерес“ кај регионалните актери за создавање безбедносна рамка, но експертите велат дека таа може да дојде во судир со постоечките одбранбени аранжмани под безбедносниот чадор на САД
По „повикот за будење“: Дали може да заживее безбедносна рамка меѓу земјите од Заливот и Иран
Војната во Иран ги разоткри ограничувањата на потпирањето врз надворешни сили за справување со регионален проблем, велат експертите

За катарскиот премиер, шеикот Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани, војната на САД и Израел против Иран претставува „сигнал за будење“ што треба да ги предупреди земјите од Заливот и Техеран за потребата од безбедносен аранжман во кој ниту една земја нема да претставува закана за друга.

Говорејќи на Катарскиот економски форум, на маргините на 81-то Генерално собрание на ОН во Њујорк, Ал Тани изјави дека војната ги ставила на тест претпоставките за безбедноста и стабилноста во регионот, кој е преполн со американски воени бази.

Директните изјави на катарскиот премиер дојдоа речиси седум месеци откако САД и Израел започнаа војна против Иран со убиството на неговиот врховен лидер.

Иран возврати со напади врз земјите од Заливот, изведувајќи повеќе од 7.000 напади со ракети и беспилотни летала.

Поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец- клучен воден пат меѓу Иран и земјите од Заливот, преку кој пред војната се одвиваше една петтина од глобалното снабдување со енергенси-е главно во прекин.

Блокадата го запре извозот на нафта и гас од Саудиска Арабија, ОАЕ, Катар, Бахреин, Кувајт, Оман и Ирак, предизвикувајќи последици низ целата глобална економија.

Експертите велат дека потребата од регионална безбедносна рамка е итна и неоспорна, но изразуваат сомнеж дали реалните околности на терен би го дозволиле тоа.

Озџан Акинџи, аналитичар за геополитика и надворешна политика, гледа „вистински интерес“ за помирување меѓу Иран и земјите од Заливот. 

Сепак, тој напоменува дека функционална безбедносна рамка останува далечна можност, барем засега.

„Војната ги разоткри ограничувањата на потпирањето врз надворешни сили за решавање на проблем што, во крајна линија, е регионален“, вели тој за TРТ Ворлд.

Иран не е соговорник по избор што може едноставно да се „отстрани“ од регионот. „Земјите од Заливот мора да живеат со таа реалност, без разлика дали им се допаѓа или не“, вели тој.

Во исто време, земјите од Заливот сè повеќе бараат дополнителни безбедносни гаранции. Акинџи укажува на Договорот од Мека- трилатерален пакт за заедничка одбрана потпишан меѓу Туркије, Саудиска Арабија и Пакистан во август, според кој вооружен напад врз една од нив се третира како напад врз сите.

„Затоа, предлогот на Доха доаѓа во момент кога регионалната безбедносна мапа веќе се прекројува“, вели тој.

Останува неодговорено прашањето дали Иран ќе ја претвори реториката на дијалог во практична воздржаност, особено во однос на регионот на Ормуз и активностите преку посредници, додава тој.

Мустафа Џанер, експерт за Иран и доцент на Институтот за Блискиот Исток при Универзитетот Сакарија, за TРТ Ворлд изјавува дека ниту една страна нема корист кога геополитичките визии на земјите од Заливот и на Иран се разминуваат.

Безбедносна рамка што би го намалила тоа разминување сигурно би им користела на двете страни и би придонела за регионалната безбедност во поширока смисла, вели тој.

Сепак, архитектурата на безбедноста во Заливот е „препуштена на надворешни сили“, а војната сè уште претставува непосредна пречка.

„Сè додека таа трае, а особено со оглед на нападите од Иран, не верувам дека земјите од Заливот имаат доволно цврста позиција или капацитет да се одвојат од САД и да станат иницијатори на безбедносна архитектура заедно со Иран“, вели тој.

Дали е можен консензус во рамки на Советот за соработка на Заливот?

Акинџи ги посочува Катар и Оман како „очигледни кандидати“ за поддршка на идејата на Ал Тани. Тоа е така бидејќи двете земји со години ги одржуваат отворени дипломатските канали со Техеран, и покрај повремените заладувања на односите.

Кувајт веројатно би прифатил поширок пристап, усвоен колективно од шесте земји од Заливот што извезуваат енергенси, познати како Совет за соработка на Заливот (ГЦЦ), вели тој.

Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин „веројатно ќе бидат повнимателни“, со оглед на тоа што често биле цел на одмаздничките потези на Техеран во рамките на конфликтот меѓу САД и Иран.

Начинот на кој Ријад ќе реагира на предлогот ќе биде од клучно значење, бидејќи земјата е постојана мета на напади од страна на Хутите, кои се поддржани од Иран.

„Саудиска Арабија сака стабилност и деескалација, но исто така сака и посилна заштита од евентуален нов напад“, вели тој.

Она што би можело да ги убеди скептиците, како што се ОАЕ и Бахреин, е одлуката на Саудиска Арабија да го третира предлогот на Катар како дел од поширока безбедносна стратегија, паралелно со Договорот од Мека склучен со Туркије и Пакистан, вели тој. 

Тоа пакување на предложената безбедносна рамка би им го олеснило прифаќањето на ОАЕ и Бахреин. Во исто време, Техеран ќе мора да понуди нешто конкретно, особено во врска со превозот преку Ормуз и активностите на неговите регионални партнери, додава тој.

Но Џанер е помалку оптимист во врска со консензусот на Заливот.

Во принцип, многу престолнини на Заливот би го гледале предлогот позитивно, вели тој. Сепак, во пракса, Доха и Мускат би биле во голема мера сами.

ОАЕ веројатно ќе „држат дистанца“, став што се рефлектира во неодамнешните трговски санкции на Абу Даби против Иран и поблиското усогласување со „оската САД-Израел“.

Џанер не очекува Саудиска Арабија да преземе какви било чекори кон дипломатска нормализација со Иран, особено во светло на нападите на Хутите.

Тој вели дека Ријад верува оти Иран стои зад овие напади, поради што и беше одложен состанокот на министрите за надворешни работи за прашањето на Ормуз.

„Предлогот на Доха можеби најдобро се сфаќа како визија за идеален тек на настаните“, вели тој.

Повеќеслоен безбедносен систем

Јемен е најновата арена каде што регионалните поделби се највидливи. Нападите на Хутите врз саудиската енергетска инфраструктура првично го поттикнаа Ријад да побара поддршка од САД. Но Вашингтон се двоумеше и досега се воздржуваше од вклучување во саудиската борба против јеменската група.

Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, минатата недела изјави дека Ријад можеби има воени потреби и оти Анкара е подготвена да помогне во нивното задоволување во рамките на пактот од Мека.

Акинџи го толкува свртувањето на Ријад кон Туркије како доказ дека земјите од Заливот веќе градат „повеќеслоен систем“ наместо да чекаат сеопфатно решение со Иран.

Катар изјави дека земјите од Заливот не можат да се потпрат исклучиво на САД за заштита.

Американските сили го одржуваат своето присуство во Катар, Бахреин, ОАЕ, Кувајт и Саудиска Арабија преку билатерални безбедносни договори, воени инсталации и бази.

Акинџи не гледа никаков директен судир меѓу постоечкиот американски безбедносен чадор за земјите од Заливот и предложената безбедносна рамка.

Тоа е така бидејќи американските сили обезбедуваат капацитети што сè уште им се потребни на земјите од Заливот, особено во областа на воздушната и ракетната одбрана, разузнавањето и одвраќањето, вели тој.

Сепак, рамката меѓу Заливот и Иран би се занимавала со прашањето како „соседите управуваат со инцидентите“ пред тие да прераснат во целосна војна.

Неодамнешните настани во регионот ја направија оваа разлика појасна, вели тој.

„Земјите од Заливот сè уште го сакаат американското воено присуство, но исто така видоа дека Вашингтон можеби не сака да преземе одговорност за секоја регионална конфронтација“, вели тој.

Вашингтон би се спротивставил доколку некоја регионална рамка се искористи за „истиснување на САД“. Но не би требало да има приговори за каква било рамка што го намалува бројот на кризи кои бараат интервенција од САД.

„Земјите од Заливот сè повеќе бараат повеќе од еден безбедносен ослонец“, вели тој.

Но Џанер вели дека секој безбедносен аранжман меѓу Заливот и Иран ќе биде во спротивност со целите на САД во регионот. „Едноставно не е изводливо земјите од Заливот целосно да ја одвојат својата безбедносна инфраструктура од САД и да воспостават нов безбедносен аранжман со Иран“, вели тој.

„Всушност, војната ни го покажа спротивното: наместо да се оддалечуваат од Вашингтон, безбедносниот сојуз на земјите од Заливот со САД само се продлабочи“, забележува тој.

„Не верувам дека САД целосно ќе се повлечат од Заливот и ќе го препуштат регионот на независен безбедносен аранжман меѓу земјите од Заливот и Иран“, додава тој.

Извор: ТРТ Ворлд

Повеќе
Ердоган: Договорот за одбрана од Мека не е насочен против Иран или Израел
Светска банка со 750 милиони долари за поддршка на земјоделско-прехранбениот сектор во Туркије
Јаневска на Европска ноќ на истражувачите: Нема просперитет на државата без развој на науката
Иран предлага седумдневен план за повторно отворање на Ормускиот теснец
Реакции по одложувањето на рочиштето за правниот статус на Центарот за македонски јазик во Грција
УНИЦЕФ: 71.000 деца раселени во Јемен за три недели поради ескалацијата на конфликтот
Медиуми: Израел подготвува нова фаза на окупацијата во јужен Либан
Делегации од 77 земји протестираа за време на обраќањето на Нетанјаху пред ОН
Почна кампањата за претседателските избори во Бугарија
Двајца израелски војници загинале во експлозија на дрон во Газа
Трамп ги повика земјите да го напуштат МКС, за Кошта неприфатливи нападите кон судот
Бројот на загинати во инцидентот за време на воена вежба во Каспиското Море се искачи на 14
Туркије остро ги критикува неоснованите обвинувања на Нетанјаху против Ердоган
Ирскиот премиер: Меѓународната заедница ги изневери Палестинците
Австралискиот премиер повикува на посилна меѓународна акција во врска со Палестина и Иран во ОН