Аугуст Ханинг поранешниот шеф на германската разузнавачка служба БНД е уапсен под сомнение за шпионажа и велепредавство, а случајот би можел да прерасне во еден од најголемите шпионски скандали во Германија.
Весниците „Билд“ и „Зидојче цајтунг“ објавија дека федералните обвинители водат истрага против Ханинг, кој раководеше со Сојузната разузнавачка служба (БНД) од 1998 до 2005 година, како и против уште еден осомничен.
Според „Билд“, обвинувањата се однесуваат на прибавување државни тајни, велепредавство и шпионажа во корист на странска сила. Весникот наведува дека Ханинг му плаќал на поранешен висок функционер на БНД за доверливи информации и наводно планирал да ги препродава како дел од својот консултантски бизнис.
„Зидојче цајтунг“ објави дека, со години по напуштањето на функцијата, Ханинг добивал доверливи материјали од агенцијата преку поранешниот директор на неговата канцеларија. Истражителите испитуваат дали тој ги пренесувал овие тајни информации на странски сили.
Весникот го опиша случајот како потенцијално еден од најголемите шпионски скандали во историјата на Сојузна Република Германија.




























