Азиската фудбалска конфедерација јавно го поддржа Џани Инфантино за нов, четврти последователен претседателски мандат на чело на Светската фудбалска федерација (ФИФА).
Шеикот Салман бин Ибрахим Ал Калифа, претседател на АФЦ, денес во Токио изјави дека Инфантино има недвосмислена поддршка од сите членови на АФЦ.
„Мислам дека ја потврдуваме нашата целосна посветеност да ве поддржиме вас и вашето раководство додека барате нов мандат како претседател на ФИФА. Сакам да бидам јасен: да, имавме некои прашања за кои разговаравме во минатото, но да не ги поврзуваме двете работи. Треба да продолжиме напред“, рече Салман за време на вонредниот конгрес на АФЦ во јапонската престолнина.
Претседателот на АФЦ го прегрна Инфантино пред собраните членови додека ја нудеше својата поддршка.
„Посетивте многу земји во Азија. Разговарав со многу членови на овој континент. Знам каква е вашата позиција и верувам дека вашата посветеност е јасна“, додаде тој.
Обраќајќи се до Инфантино, шеикот Салман посочи дека не сите 47 членки на AФЦ ќе ја поддржат одлуката, но дека повеќето би ја поддржале.
Ова претставува ненадеен пресврт за шеикот Салман. Во август, АФЦ им се придружи на европските, северноамериканските и централноамериканските фудбалски тела во проценката дека Инфантино „ја прекршил довербата“.
Инфантино се извини пред Советот на ФИФА во Цирих минатата недела за грешките што ги направи при осмислувањето план за продажба на правата за Светското првенство во вредност од 4,2 милијарди долари, кој оттогаш е напуштен.
Во својот говор денес, шеикот Салман се осврна на разликите со Инфантина, но не навлезе во детали.
„Џани, сакам да бидам јасен. Да, имавме одредени проблеми за кои разговаравме во минатото. Нода не ги поврзуваме двете работи. Мислам дека за време на последните неколку состаноци во Цирих јасно стави до знаење дека постои вистинско разбирање меѓу нас“, рече шеикот Салман.
„Минатото, сигурен сум, е дел од нашата историја. Сигурен сум дека сите научивме важни лекции од него. Она што е важно сега е како да продолжиме заедно напред. Верувам дека сите имаат прашања и сигурен сум дека одговорите ќе бидат достапни, и за нас во Азија и за остатокот од светот“, додаде тој.
Анкетата на Асошиејтед Прес објавена претходно овој месец покажа дека Инфантино, дури и без поддршка од АФЦ, се приближува кон едноставно мнозинство од 211 гласови од асоцијациите членки на ФИФА.
Инфантино патува низ целиот свет за да го промовира новиот модел на финансирање, одобрен од Советот на ФИФА минатата недела, кој обезбедува значително повеќе средства и за малите и за големите фудбалски нации.
„Кога правите многу работи, и се надевам дека се добри работи, неизбежно правите некои грешки. Сепак, важно е, како што самиот рековте, секогаш да учите од искуството, од грешките, да се извинувате, да продолжувате понатаму, да ги здружувате силите, да се обединувате и да ја градите нашата иднина, вашата иднина“, рече Инфантино.
Најголемиот аплауз дојде кога спомена дека под негово водство значително повеќе пари влегуваат во системот.
„Пред да ја преземам функцијата претседател на ФИФА, секој од вас добиваше по еден милион американски долари на секои четири години. Од први јануари следната година, таа сума ќе изнесува 25 милиони американски долари“, рече Инфантино.
Поддршката од Азија за Инфантино дојде по поддршката од Африка.
За разлика од овие два континента, Европа , односно УЕФА е апсолутно против тоа Инфантино да остане претседател на ФИФА, исто како и Конфедерацијата на фудбалските асоцијации на Северна, Средна Америка и Карибите (КОНКАКАФ).
Претседателските избори на ФИФА ќе се одржат во март 2027 година, а во моментов Инфантино е единствениот кандидат.






















