Дали Канада би имала место на масата на Европската унија, дали би придонесувала во нејзиниот буџет или би имала право на глас доколку стане „придружна членка“? И дали би подлежела на законодавството на ЕУ?
Ниту едно од овие прашања сè уште не е решено бидејќи „асоцијативното членство“ нема утврдена дефиниција во договорите на ЕУ, што ги остава нејасни правните и политичките контури на предлогот.
На Канада ѝ се нуди позиција поблиска до Европската унија од онаа што ја имала која било неевропска земја досега.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го изнесе овој неочекуван предлог минатата недела за време на нејзиното годишно обраќање во Европскиот парламент во Стразбур.
Таа му рече на канадскиот премиер Марк Карни, кој присуствуваше на говорот, дека сака да соработува со него на „отворање на вратата за Канада да стане првата придружна членка на ЕУ“.
Оваа најава веднаш ги издигна односите меѓу Канада и ЕУ надвор од рамките на нивното постоечко трговско и политичко партнерство, но истовремено создаде и ново ниво на неизвесност.
Во моментов не постои категорија „придружно членство“ во договорите на ЕУ, што значи дека не се утврдени ниту правата, ниту обврските поврзани со таков статус.
Од Европската комисија велат дека целта е да се изгради исклучително блиска соработка која би опфатила области како што се напредното производство, одбранбеното производство, Арктикот, енергетиката, критичните суровини, батериите, вештачката интелигенција, квантното сметање, сајбер-безбедноста и економската безбедност.
Амбицијата сè уште е нејасна
За Дамијан Безелагер, член на Делегацијата на Европскиот парламент за односи со Канада, оваа најава претставува можност за создавање нешто сосема ново.
„Воодушевен сум. Фон дер Лајен отиде подалеку отколку што се надевавме, нудејќи го ова ново придружно членство. Сега е време да се вдахне живот во овој концепт, а Парламентот мора да одигра одлучувачка улога во тоа“, рече тој.
Сепак, Безелагер призна дека централното прашање останува неодговорено: дали ЕУ ќе создаде рамка специјално приспособена за Канада или ќе воспостави поширок правен и политички модел што би можел на крајот да се примени и на други земји.
„Во однос на ова прашање, амбицијата сè уште не е јасна. Сметам дека ова би бил вистинскиот одговор за Европа која престанува да се дефинира географски и почнува да размислува геостратешки“, изјави Безелагер.
Членство што сè уште не постои
Неизвесноста околу предлогот не е само од политичка природа.
Ејми Вердун, гостин-професор по европска политика на Универзитетот во Лајден во Холандија, изјави за Анадолу дека самата терминологија создава суштински проблем, бидејќи членството во ЕУ веќе има многу конкретно значење.
Постоечкиот модел на членство во ЕУ се заснова на утврден збир на права и обврски.
Земјите што се стремат кон полноправно членство мора да ги исполнат барањата на блокот за пристапување и да ја усвојат правната рамка на ЕУ, позната како acquis communautaire (правно наследство на ЕУ).
„Тоа обично претставува пакет за кој не може да се преговара. Секоја земја-членка на ЕУ мора целосно да го исполнува acquis communautaire.“
За разлика од тоа, придружното членство нема утврдена дефиниција во договорите на ЕУ.
Тешкотијата, според неа, лежи во утврдувањето на тоа што се случува кога зборот „членство“ ќе се комбинира со „придружно“.
„Дали станува збор за некаков вид членство, но во помал обем, или пак за членство на земја што не може да биде во ЕУ бидејќи всушност се наоѓа во Северна Америка, или можеби во иднина- доколку има повеќе такви земји- во Азија?“, праша таа.
Самитот ЕУ-Канада кон крајот на октомври ќе биде првата голема можност за Брисел и Отава да разговараат за предлогот и да ги разгледаат начините за зајакнување на нивните односи, изјави портпаролот на Европската комисија.
Промена на договорот?
Отсуството на постоечка правна категорија само по себе би можело да претставува една од најголемите пречки.
Вердун истакна дека, доколку придружното членство треба да стане траен статус достапен за повеќе земји, ЕУ можеби ќе мора да воспостави формална правна основа за него.
„Можеби ќе биде потребно да се додаде член во договорот во кој ќе се наведе дека секоја земја што сака да биде придружна членка ќе мора да ги исполнува овие критериуми“, рече таа.
Таа додаде дека ЕУ сега треба да утврди дали оваа категорија е наменета исклучиво за Канада или дали таа евентуално би можела да стане општ инструмент на надворешната политика на ЕУ.
Бозелагер изјави дека доколку ЕУ воспостави јасни критериуми, придружното членство би можело да стане механизам за градење подлабоки односи со демократски земји кои ги делат европските интереси, но географски се наоѓаат надвор од континентот.
„Ако придружното членство стане јасен концепт со правила што важат за сите, верувам дека тоа би можело да биде атрактивен начин за градење многу поблиски сојузи со истомисленички демократски партнери надвор од Европа“, рече тој.
Но Бозелагер предупреди против овозможувањето придружното членство да стане алтернативен пат за земјите што веќе се стремат кон полноправно пристапување.
„Но не можеме да ги разводниме придобивките и обврските што произлегуваат од вистинското членство во ЕУ. Придружното членство не смее да стане утешна награда за земјите што веќе започнале преговори за пристапување“, рече тој.
Бозелагер изјави дека евентуалната рамка ќе мора да ја зачува разликата меѓу полноправното членство во ЕУ и придружното членство.
„Исто така, овој статус не може да стане алтернатива на постоечкото членство во ЕУ.“
Дали Канада ќе добие место на масата?
Можеби најважното неодговорено прашање се однесува на одлучувањето.
Дали придружниот член би учествувал во институциите на ЕУ? Дали би присуствувал на состаноците на Европскиот совет?
Дали би имал претставници во телата на ЕУ? Дали би придонесувал во буџетот на ЕУ?
Дали би подлежел на одредени делови од законодавството на ЕУ? Дали би имал право на глас?
Ниту едно од тие прашања сè уште не е решено.
Германија го поздрави повикот на Фон дер Лајен за блиско партнерство со Канада, но наведе дека предложената ознака „придружен член“ треба да се преиспита.
„Се согласувам“, рече Вердун, кога беше прашана дали отсуството на дефинирани критериуми би можело да создаде тензии меѓу земјите-членки.
„Исто така, знаеме дека Фон дер Лајен не се консултирала однапред со сите земји-членки“, рече таа, осврнувајќи се на извештаите поврзани со оваа најава.
Извор: АА





















