Група од 50 членови на Европскиот парламент побараа од Светската фудбалска федерација (ФИФА) да покрене истрага против претседателот на организацијата, Џани Инфантино, во врска со доделувањето на првата награда за мир на ФИФА на американскиот претседател Доналд Трамп, тврдејќи дека се прекршени правилата за политичка неутралност на фудбалската федерација.
Во писмото до ФИФА, кое го виде Политико, европратениците ја поддржаа жалбата од организацијата за човекови права ФерСквер (FairSquare), која бара од етичкиот комитет на ФИФА да ја истражи одлуката за воспоставување на годишната награда за мир и доделување на првата награда на Трамп.
Бари Ендрус, член на Европскиот парламент од проевропската политичка група „Обнови ја Европа“, кој го иницираше писмото, рече дека ФИФА треба да го „обедини светот“ со Светското првенство, но дека постапките на Инфантино го доведуваат во прашање угледот на организацијата и турнирот.
„Едноставно бараме од Етичкиот комитет на ФИФА целосно да го истражи доделувањето на инаугуративната награда за мир на ФИФА на претседателот Трамп и да обезбеди почитување на правичната постапка“, рече Ендрјус.
Според писмото од европратениците, жалбата претставува „можност ФИФА да ја покаже својата посветеност на политичка неутралност, транспарентност и одговорност“.
На Трамп му беше доделена првата награда за мир на ФИФА на 5 декември 2025 година во Вашингтон, а жалбата од организацијата ФерСквер беше поднесена неколку дена подоцна.
Критичарите тврдат дека Инфантино ја донел одлуката да ја воспостави наградата без претходно известување до Советот на ФИФА и дека признанието било обид за приближување до претседателот на САД.
Европатениците велат дека јавните изјави на претседателот на ФИФА во корист на Трамп се спротивни на статутите на организацијата, кои предвидуваат дека ФИФА останува неутрална во политичките и религиозните прашања.
ФИФА го потврди приемот на жалбата во декември, но сè уште не коментирала за барањето на европратениците, според порталот од Брисел.
Членовите на Европскиот парламент претходно ја критикуваа ФИФА за нејзината одлука да го додели Светското првенство во 2034 година на Саудиска Арабија, наведувајќи загриженост за состојбата со човековите права во земјата.






