Одлуката на ЕУ да ги укине санкциите за двајца истакнати руски олигарси покрена прашања за кредибилитетот на режимот на санкции, бидејќи причините за нивното отстранување имаат мала поврзаност со основите врз кои првично беа воведени ограничувањата.
Алишер Усманов, руско-узбекистански милијардер, и Михаил Фридман, руски бизнисмен со израелско државјанство, беа отстранети од списокот на санкции на ЕУ по притисокот од Франција и Луксембург, иако Брисел ги продолжи ограничувањата за околу 3.000 други поединци и субјекти поврзани со руската војна во Украина.
Луксембург бараше отстранување на Фридман од списокот поради правен спор вреден милијарди долари околу неговите замрзнати средства.
Фридман покрена арбитражно барање во вредност од околу 16 милијарди долари против Луксембург поради средствата замрзнати според санкциите на ЕУ.
Наводно, Луксембург стравувал дека отстранувањето на Усманов, додека Фридман останува под санкции, би можело да ја ослаби неговата правна позиција во спорот.
Словачка, исто така, го поддржа отстранувањето на Фридман.
Бидејќи продолжувањето на пошироките санкции на ЕУ против Русија бараше едногласна согласност од сите 27 земји-членки, овие барања станаа дел од поширок компромис.
Во замена за отстранувањето на овие две лица од списокот, блокот обезбеди продолжување на санкциите за илјадници други поединци и субјекти во траење од три години, наместо вообичаеното продолжување од шест месеци.
Договорот го зачува поширокиот режим на санкции, но покрена прашања за тоа дали поединечните санкции би можеле сè повеќе да стануваат средство за пазарење за земјите-членки кои ги следат сопствените национални интереси.
Одлуката уследи по тешки преговори меѓу земјите-членки на ЕУ, откривајќи поделби околу употребата на санкции во спорови што не се поврзани со руската војна во Украина.
Експертите предупредуваат дека напорите на Франција и Луксембург да обезбедат отстранување на овие лица од списокот заради сопствените национални интереси би можеле да го поткопаат интегритетот на режимот на санкции на блокот од 27 земји и да создадат преседан за слични барања во иднина.
Иако одлуката не треба да се толкува како „пошироко омекнување на ставот на ЕУ кон Русија, бидејќи режимот на санкции во целина останува на сила, потешкото прашање е каков преседан создава ова“, вели за TРТ Ворлд, Линас Којала, извршен директор на Центарот за геополитика и безбедносни студии.
„Кога се чини дека исклучоците се диктирани од политички или билатерални размислувања, постои ризик да се поткопа логиката на целиот систем. Ако поединечните санкции почнат да се користат како адут за пазарење во други спорови, тогаш пораката е дека можеби постојат политички начини да се заобиколи системот. Тоа не придонесува за кредибилитетот на санкциите“, вели Којала.
Украина, која се спротивставуваше на ублажувањето на санкциите кон Русија и кон поединци поврзани со Кремљ, ја осуди одлуката на ЕУ како „срамна и неоправдана“. Москва, пак, побара укинување на санкциите за сите руски бизнисмени и граѓани.
„Москва слави бидејќи го доби она што го сакаше: чувство на неказнивост, понижување на ЕУ и поделба меѓу Европејците“, изјави украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха на платформата X.
Загрозен кредибилитетот на ЕУ
Одлуката на ЕУ да ги отстрани двајцата руски олигарси од списокот со санкции исто така открива „поширока контрадикторност“ во пристапот на Брисел кон Москва, вели Којала, во време кога европските функционери и аналитичари сè почесто предупредуваат на можноста за директна конфронтација со Русија.
Додека европските лидери ја опишуваат Москва како голема безбедносна закана, ги зголемуваат трошоците за одбрана и се подготвуваат за долготрајна конфронтација, можноста за политички договорени исклучоци од санкциите кон Русија испраќа „двосмислена порака“, според Којала.
Тој признава дека отстранувањето на двајцата олигарси од списокот со санкции веројатно нема значително да ги подобри финансиите на Кремљ ниту да го прошири неговиот пристап до европските пазари и технологии. Поголемиот проблем, според него, е кредибилитетот на ЕУ во очите на домашните и меѓународните актери.
„Санкциите се важни не само поради средствата што ги замрзнуваат, туку и затоа што создаваат очекување дека ограничувањата ќе останат на сила сè додека постојат причините поради кои се воведени“, вели тој, осврнувајќи се на првичните причини за воведување санкции поради руската војна во Украина.
Во средиштето на контроверзијата е образложението заодлуката на ЕУ.
Санкциите генерално се укинуваат кога веќе не постојат основите за нивно воведување. Сепак, во случаите на Усманов и Фридман, наведените причини за нивно отстранување од списокот изгледаат неповрзани со првичните критериуми за санкционирање.
„Нивното отстранување од списокот не е поврзано со причината поради која им беа воведени санкциите“, вели за ТРТ Ворлд Олег Игнатов, виш аналитичар за Русија во Меѓународната кризна група (International Crisis Group).
Како и Којала, и Игнатов смета дека одлуката би можела да постави проблематичен преседан за идната политика на ЕУ во однос на санкциите.
Одлуката исто така покренува прашања за тоа дали добро поврзаните олигарси, како Усманов и Фридман, кои имаат влијание во европските престолнини, можат да обезбедат изземање, додека другите со помало политичко влијание остануваат под санкции.
„Ова поставува одреден преседан- дека санкциите можат да се укинат без силни причини поврзани со завршувањето на војната. Но во минатото имало и други слични преседани; едноставно, личностите вклучени во овој случај се прилично истакнати“, вели тој.
Сепак, контроверзноста ја истакнува и сложеноста на процесот на одлучување во блокот од 27 земји-членки, каде што мора да се усогласат спротивставените национални интереси пред да можат да се продолжат санкциите.
„Односите во рамките на ЕУ се сложени, а одлуките се носат преку компромис. Како што може да се види, во овој случај, на земјите-членки на ЕУ им беа потребни неколку рунди тешки преговори за да ја донесат оваа одлука“, вели Игнатов.
Летонија првично се спротивстави на отстранувањето на Усманов и Фридман од списокот, но на крајот се откажа од приговорите откако ЕУ се согласи да ги продолжи санкциите за околу 3.000 други поединци и субјекти за уште три години.
И покрај прашањата околу компромисот, долгите преговори исто така покажуваат „колку е тешко да се укинат санкциите“, според Игнатов.
„Ако, на пример, се зборува за замена на одредени санкции за конкретни чекори на Русија кон мирно решение, дури и во тој случај, ќе биде тешко да се постигне одлука во рамките на ЕУ.“
Иако компромисот може да предизвика загриженост за кредибилитетот на ЕУ кај надворешните набљудувачи, Игнатов тврди дека таквите преговори се неизбежен дел од процесот на одлучување во блокот.
„Токму така функционира одлучувањето во ЕУ и не постои друг начин“, вели тој. „Продолжувањето на санкциите се одобрува со консензус, а секоја земја може да изнесе приговори, што ќе наложи преговори.“
Но дали тоа значи дека не само отстранувањето на олигарси од списоците, туку и голем дел од политиката на ЕУ, се обликува преку договори постигнати зад затворени врати?
„Па, таква е политиката“, одговара Игнатов.
Извор: ТРТ Ворлд


























