| Macedonian
ПОЛИТИКА
5 мин читање
Зелената индустрија станува најпрактичниот облик на отпорност на Блискиот Исток
Конфликтот меѓу САД/Израел и Иран го реши прашањето дали регионот треба да ја диверзифицира својата економија, сегашната задача е да се премине од амбиции кон реализација- и тоа заеднички
Зелената индустрија станува најпрактичниот облик на отпорност на Блискиот Исток
Регионот е веќе водечки извозник на вештачки ѓубрива и алуминиум со ниска емисија на јаглерод

Карим Елгенди

Карим Елгенди е основач и извршен директор на Институтот Карбун - независен тинк тенк за климатски и енергетски политики фокусиран на Блискиот Исток и Северна Африка- како и соработник во Чатам хаус 

Кога претходно оваа година теснецот Ормуз беше практично затворен по конфликтот меѓу САД/Израел и Иран, повторно во преден план изби еден добро познат аргумент: војната ја става енергетската безбедност на прво место, а енергетската транзиција ја става во мирување. 

Владите се враќаат кон она што најдобро го познаваат, капиталот бега на сигурно место, а плановите за обновливи извори на енергија, зелен водород и зелен челик чекаат да се врати нормалната состојба. 

Сметам дека овој аргумент погрешно го толкува регионот на Блискиот Исток и Северна Африка.

Погрешно разбирање на капацитетите на регионот

Тој аргумент ја занемарува суштината на транзицијата во овој регион. За земјите од Заливот и Северна Африка, надминувањето на зависноста од јаглеводороди отсекогаш се однесувало подеднакво на она што нивните индустрии го произведуваат и продаваат, како и на начинот на кој се произведува електричната енергија; во тој поглед, предностите на регионот се реални и ги надминуваат оние што вообичаено се наведуваат. 

Евтината сончева енергија е очигледна предност. Помалку очигледно е тоа што индустриската база веќе постои. Регионот произведува речиси половина од светското количество железо добиено со директна редукција- платформа од која зависи производството на челик со ниска емисија на јаглерод- во постројки на гас кои можат да користат и мешавина со водород без потреба од реконструкција; исто така, регионот е веќе водечки извозник на вештачки ѓубрива и алуминиум.

Регионот располага и со средства за дејствување, како и со причини тоа да го стори наскоро. Има изобилство на државен капитал. Одлучувањето е централизирано, па владата што ќе избере политика на зелена индустрија се соочува со минимален политички отпор од оној што го забавува истиот избор во Европа или во САД. 

Географската положба е поволна, бидејќи регионот се наоѓа меѓу европскиот и азискиот пазар, кои ќе купуваат материјали со ниска емисија на јаглерод. 

Покрај тоа, европскиот Механизам за прилагодување на јаглеродот на границите (ЦБAM)- кој сега ја одредува цената на вградениот јаглерод во увезените производи како челик, ѓубрива и алуминиум- го претвори производството со ниска емисија на јаглерод во услов за конкурентност.

Изменети услови по војната

Војната го загрозува сето ова на повеќе начини. Затворањето на Ормуз и заканата за Баб ел-Мандеб покажуваат колкав дел од трговијата во регионот се одвива преку клучни тесни грла. 

Нападите врз инфраструктурата ги зголемија трошоците за осигурување и капиталот. Странските инвеститори, на чии средства тивко се потпираа многу планови за диверзификација, сега повторно го проценуваат регионалниот ризик. Влади кои претходно трошеле средства за индустриска политика, се најдоа во ситуација првенствено да трошат за одбрана. 

Туркије, која граничи со Иран и увезува поголем дел од својата енергија, веднаш го почувствува ценовниот шок.

Сепак, малку е веројатно дека војната ќе го запре овој процес. Војната ги промени условите на транзицијата, а не нејзината насока. 

Економиите што зависеа од една суровина која минува низ еден теснец, сфатија дека отпорноста подразбира резервни капацитети, алтернативни маршрути, способност за домашно производство и институции способни да носат одлуки под притисок. 

Диверзификацијата заснована на сектори толку изложени на ризик, како што се туризмот и недвижностите, се покажа како слаба. 

Споредбено, диверзификацијата заснована на производство изгледаше поиздржливо. Инвеститорите сега прашуваат дали еден индустриски проект има договорен купувач, обезбедено финансирање и маршрута што ќе опстане и за време на следната криза.

Неопходност од заедничко дејствување

Другата промена е тоа што ниту една земја не може да го направи ова сама, и токму тука е важноста на следната Конференцијата на ОН за климатските промени- КOП во Анталија. 

Претседателството на КOП31 ја вклучи зелената индустријализација во енергетскиот сектор меѓу своите приоритети, а Туркије е во одлична позиција да го предводи тој процес. 

Таа е најголемиот европски производител на челик, поголемиот дел од челикот се произведува од отпад во електрични печки и е меѓу земјите што се најмногу изложени на данокот на ЕУ за јаглерод при увоз (ЦБAM).

Медитеранска КОП е исто така природно место за соработка меѓу јужниот и источниот брег на ова големо море. 

Иницијативата „TeрaMeд“, лансирана во 2024 година со цел да се поттикне развојот на капацитети за обновлива енергија од еден терават околу Медитеранот до 2030 година, е тесно усогласена со целите за зелена индустријализација. 

Ние копретседаваме со нејзината работа на полето на зелената индустријализација, а поуката на која постојано се навраќаме е дека евтината енергија претставува предност само кога се користи за нешто конкретно: челик, ѓубрива, цемент и електрична мрежа што функционира деноноќно. 

Анталија би можела да ѝ даде медитеранска димензија на декларацијата за зелена индустријализација усвоена на КOП30 во Белем и да се заложи за воспоставување заеднички стандарди за зелените индустрии- како што е производството на железо и челик со ниска емисија на јаглерод - така што еден тон турски или египетски челик да се вреднува подеднакво и во Берлин и во Анкара.

И покрај оваа војна, постои надеж, но таа е условена. Конфликтот го реши прашањето дали регионот треба да ја диверзифицира својата економија. 

Она што остана нерешено е кој ќе управува со таа диверзификација и кој ќе има корист од неа. Транзиција финансирана од странство и изградена со увезена технологија, би ја замениле едната зависност со друга. 

Сегашната задача е да се премине од амбиција кон спроведување- и тоа заеднички.

Извор: АА

Забелешка: Ставовите изразени во овој напис му припаѓаат на авторот и не ја одразуваат нужно уредувачката политика на ТРТ Балкан

Повеќе
Дали ЕУ ги поткопува сопствените санкции против Русија?
Ердоган: Договорот за одбрана од Мека не е насочен против Иран или Израел
Светска банка со 750 милиони долари за поддршка на земјоделско-прехранбениот сектор во Туркије
Јаневска на Европска ноќ на истражувачите: Нема просперитет на државата без развој на науката
Иран предлага седумдневен план за повторно отворање на Ормускиот теснец
Реакции по одложувањето на рочиштето за правниот статус на Центарот за македонски јазик во Грција
УНИЦЕФ: 71.000 деца раселени во Јемен за три недели поради ескалацијата на конфликтот
Медиуми: Израел подготвува нова фаза на окупацијата во јужен Либан
Делегации од 77 земји протестираа за време на обраќањето на Нетанјаху пред ОН
Почна кампањата за претседателските избори во Бугарија
Двајца израелски војници загинале во експлозија на дрон во Газа
Трамп ги повика земјите да го напуштат МКС, за Кошта неприфатливи нападите кон судот
Бројот на загинати во инцидентот за време на воена вежба во Каспиското Море се искачи на 14
Туркије остро ги критикува неоснованите обвинувања на Нетанјаху против Ердоган
Ирскиот премиер: Меѓународната заедница ги изневери Палестинците