Додека Калифорнија се подготвува за среднорочните избори за Конгресот, гласачите во оваа американска држава за три недели ќе одлучуваат и на референдум што би можел да влијае на остатокот од САД: дали милијардерите треба да плаќаат данок на своето богатство?
Според АФП, предлогот предвидува еднократно оданочување на приближно 200 милијардери во државата по стапка од 5 проценти од нивната нето вредност, а собраните пари ќе одат за финансирање на јавниот здравствен систем од кој зависат половина од жителите на Калифорнија.
Системот е под притисок поради големите намалувања на федералното финансирање што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп.
Поддржувачите на предлогот се надеваат дека тој ќе поттикне слични иницијативи во други делови од САД, во време на растечко незадоволство поради продлабочувањето на нееднаквоста и брзиот пораст на богатството на технолошките милијардери како што е Елон Маск.
„Еднократниот данок е само капка во морето од нивното богатство“, изјави за АФП Лорен Фиерман, пензиониран графички дизајнер кој се потпира на Медикер, здравственото осигурување за лица над 65 години.
„За нив не значи многу, но за луѓето на кои им е потребна здравствена заштита, значи сè“, додаде таа.
Сепак, референдумот предизвикува загриженост во Силиконската долина.
Противниците на предлогот што се става на гласање, меѓу кои е и соосновачот на Гугл, Сергеј Брин, собраа повеќе од 205 милиони долари за да го соборат таканаречениот „Предлог 40“ (Proposition 40)- Иницијатива за еднократен данок на богатство за програми за здравствена заштита финансирани од државата- тврдејќи дека тој ќе ги натера богатите да ја напуштат Калифорнија, со што ќе се намалат даночните приходи на државата.
Рекламните спотови на кампањата „против“- кои се емитуваат насекаде низ телевизиските станици на скапиот медиумски пазар во Калифорнија- изнесуваат мрачни предвидувања дека „Предлог 40“ е само почеток на еден опасен процес.
„Загриженоста е во тоа што поединците, сопствениците на бизниси и другите претпостават дека постои можност таквата мерка веројатно да се повтори“, изјави Кирк Старк, професор по даночно право на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (УЦЛА).
Покрај милијардерите, и други влијателни личности се против предлогот, вклучувајќи го и гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом.
По повеќе од седум години на чело на државата, демократот, кој има претседателски амбиции за 2028 година, официјално го поддржува гласањето против предлогот.
Моќниот синдикат „Обединети домашни работници“, кој претставува 250.000 работници за домашна нега и работници за грижа за деца, исто така ги повика своите членови да гласаат против него.
Синдикатот верува дека еднократниот данок наменет за здравствениот систем нема да ги покрие милијардите долари од долгорочниот дефицит во буџетот на Калифорнија.
Трет референдум - трета среќа?
Сепак, идејата не е нова. Калифорнија се обиде да ги зголеми даноците на најбогатите три пати во последните 15 години преку референдуми, но сите предлози пропаднаа.
Предлогот 40 имаше широка поддршка пред неколку месеци, но таа поддршка се намалува како што се приближува гласањето, покажуваат анкетите.
Дебатата доби национални размери. На почетокот на октомври, социјалистот Берни Сандерс, поранешен демократски претседателски кандидат, го посети Лос Анџелес за да го поддржи данокот.
„Иако овие милијардери го зголемија своето богатство повеќе од трипати во изминатата деценија, тие плаќаат ефективна даночна стапка пониска од онаа на водоводџија или медицинска сестра“, рече Сандерс, водечка фигура на американската левица.
„Доколку биде усвоена, мерката би генерирала 100 милијарди долари даночни приходи“, рече Брајан Гајл, професор по право на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, кој помогна во изготвувањето на предлогот.
Без тие пари, домаќинствата во Калифорнија би морале да платат просечно 7.500 долари повеќе за здравствена заштита во следните неколку години, процени тој, поради неодамнешните федерални намалувања на јавното здравство.
Гајл верува дека намалувањата на федералното финансирање спроведени од администрацијата на Трамп ќе бидат особено почувствувани во руралните области, каде што жителите имаат поголема веројатност да се потпираат на јавна помош.
Откако руралната болница ќе ги затвори своите врати, таа ретко се отвора повторно, предупреди тој.
„Исходот од гласањето ќе биде познат на 3 ноември, кога ќе завршат среднорочните избори. Доколку Калифорнија го спроведе првиот данок на милијардери во Соединетите Американски Држави, слични иницијативи ќе се појават и во други држави“, се надева Емануел Саез, уште еден од авторите на предлогот.
Професорот по економија на Универзитетот во Калифорнија, Беркли, признава дека некои милијардери може да размислат да ја напуштат Калифорнија ако данокот се обнови или стане траен.
Но Тим Мофет, пензиониран здравствен работник, верува дека заканите за заминување поради данокот не се убедливи.
„Тие и онака не плаќаат даноци“, рече 69-годишниот Американец. „Па што имаме да изгубиме“?
Извор: АФП

















