Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа (31) за првпат во својата кариера, но и воопшто во историјата на македонскиот тенис, ќе заигра на главниот турнир на престижниот Грен слем во Вимблдон.
Ѓорческа оствари победи во сите три квалификациски мечеви. Последната „виза“ за Вимблдон ја обезбеди со победата од 2:0 во сетови против италијанската тенисерка Лусија Бронцети или со убедливи 6:1 и 6:2 во гемови.
„Пресреќна сум и горда поради сè што ми се случува овие денови на Вимблдон. Доаѓам од мала земја и навистина ми значи што сум првата во историјата, и во машка и во женска конкуренција, која ќе настапи на главниот турнир. Ова е сон што конечно стана реалност“, изјави Ѓорческа по мечот.
Нејзиниот најдобар рејтинг во сингл на ВТА листата е во првите 200 тенисерки на светот (170 место најдобар ранг), и несомнено овој настап ќе и овозможи да игра за нови поени и подобро рангирање.
Името првата противничка во главниот турнир македонската тенисерка ќе го дознае утре, кога од 11 часот ќе биде одржана ждрепката за Вимблдон.


















