| Macedonian
ТУРКИЈЕ
2 мин читање
Турски хирург кој го „кроти“ времето: Поправа часовници да ги подготви вештите раце за операција
Модерната медицина ни овозможува да оперираме рака додека пациентот е буден и ја движи, тоа е исто како да поправате одредени работи додека часовникот сè уште отчукува, вели специјалистот по ортопедија и трауматологија, д-р Ахмет Савран
Турски хирург кој го „кроти“ времето: Поправа часовници да ги подготви вештите раце за операција
Савран во неговата „архива на времето“ чува околу 700 рачни часовници, набавени преку аукции и на интернет, а има и џебен часовник од 1850 година / AA
11 април 2026

Специјалистот по ортопедија и трауматологија, д-р Ахмет Савран, ги подготвува вештите раце за најсложените оперативни зафати вршејќи сервисирање на механички рачни часовници, кои ги собира со години.

Савран (42), кој живее во Измир, го носи интересот за механичките часовници уште од детството, благодарение на подарокот од неговиот дедо.

Како дете, во слободното време по училиштето, младиот Савран помагал во столарската работилница на својот татко Хусеин Савран во Ескишехир, внимателно штедејќи ја секоја неделна плата за да купи нов механички часовник.

Во средношколските денови решил да стане хирург, а дипломирајќи на Медицинскиот факултет „Докуз Ејлул“ во 2008 година, Савран ја преточил својата страст во професија.

Специјализирал ортопедија во болницата за обука и истражување „Тепеџик“, а подоцна станал и специјалист по хирургија на рака на Универзитетот „Катип Челеби“ во Измир.

Уште во студентските денови, Савран почнал да ги расклопува и поправа часовниците од својата колекција, при што забележал дека тоа позитивно се одразува на неговата професија.

Изведувајќи исклучително сложени операции, особено при реплантација на екстремитети и ортопедски заболувања, тој пред секој зафат поправал часовници за да ја вежба прецизноста на рацете. При сервисирањето користи специјална опрема, вклучувајќи хируршки очила и микроскоп.

Савран во неговата „архива на времето“ чува околу 700 рачни часовници, набавени преку аукции или истражувања на интернет.

Потребен е тренинг на рацете

Д-р Ахмет Савран за Анадолу (АА) изјави дека во неговата колекција има и џебен часовник од 1850 година, а сè уште го чува и механичкиот часовник што му го подарил дедо му.

Нагласувајќи дека хирурзите мора постојано да ја негуваат вештината на своите раце, Савран додаде:
„За таа цел може да се цртаат слики или геометриски форми. Постојат многу различни методи, но одржувањето на часовниците е многу логичен метод бидејќи часовникот работи и се движи. Денес, модерната медицина ни овозможува да оперираме рака додека пациентот е буден и ја движи. Тоа е исто како да поправате одредени работи додека часовникот сè уште отчукува.“

Савран објасни дека за време на сервисирањето користи хируршки очила, исто како при операција, и дека додека работи на часовниците, се чувствува како да е во операциона сала.

Изразувајќи желба во иднина да отвори музеј на часовници, тој додаде: „На крајот, еден Ахмет Савран ќе помине. Ако оставам нешто зад себе, тоа е да ја вкоренам љубовта кон часовниците во Туркије. Ми треба уште малку време за да созрее идејата за музеј.“

Извор: АА

Повеќе
Трамп го нападна папата Лав како „слаб во борбата против криминалот“
Пловидбата низ Ормускиот Теснец запрена веднаш по најавата за блокада од САД
Претседателот на иранскиот Парламент: САД наскоро ќе бидат носталгични за гориво од 5 долари
Орбан призна пораз на изборите во Унгарија
Светските лидери се собираат во Анталија на петтиот Дипломатски форум
Христијаните го слават празникот Велигден
Вучиќ и Бабиш го поддржаа Орбан во пресрет на изборите во Унгарија
Ердоган и Макрон разговараа за американско-иранското примирје и регионалната стабилност
Во турска Испарта три генерации од семејството Сезер го претвораат дрвениот отпад во уметност
Турски хирург кој го „кроти“ времето: Поправа часовници да ги подготви вештите раце за операција
Како повторното откривање на реткиот цвет Рафлезија ја подели глобалната научна заедница
Дали примирјето меѓу САД и Иран ќе стане траен мир?
Кси порача дека Кина нема да толерира независност на Тајван
EEС системот го блокираше влезот во Хрватска, патниците чекаат со часови
Пример за солидарност: Црква во Либан ги отвори вратите за раселените муслимани