Вкупно шест од 12-те групи на Светското првенство се комплетирани, а полека се комплетираат и паровите за 16-финалето.
Првиот познат пар беше Канада- Јужноафриканската Република, а утрово се комплетираа уште три двојки.
Домаќинот САД за противник ќе ја има селекцијата на Босна и Херцеговина.
Според добиените ривали, фаворизираните Бразил и Холандија уште во првата фаза од нокаут системот ќе имаат големи предизвици.
Холандија ќе игра против Мароко, која е можеби најдобрата африканска репрезентација. Токму Мароко пред четири години на Мундијалот во Катар стана првата африканска селекција која играше во полуфиналето.
Мароканците и сега најавуваат атак на висок пласман, па уште во 16-финалето ќе треба да докажат дека се способни за тоа и ќе мора да ја елиминираат Холандија.
Мароканците ја завршија групата со седум бода, како и првопласираниот Бразил со кого ремизираа, но со полоша гол-разлика.
„Мароко влезе во сосема нова димензија и ние сме дел од нов моментум во кој всушност мора да веруваме дека можеме да ја освоиме титулата. Како ќе ја постигнеме оваа цел? Мора да бидеме сто проценти посветени. Денес имаме сè што е потребно за да станеме најдобра нација и веруваме дека можеме да го направиме тоа. Играчите веруваат во тоа, а истото важи и за тренерскиот штаб,“ рече мароканскиот селектор Мохамед Оуаби.
Најтрофејната фудбалска нација Бразил, пак, ќе се соочи со Јапонија.
Бразил воопшто не ја посакуваше Јапонија, селекција која е во одлична форма и на последните 16 одиграни средби има 11 победи, четири реми и само еден пораз.
Јапонија и Бразил минатата година во октомври играа пријателски меч во Токио, а тогаш Јапонците победија со 3:2.
Светското првенство 2026 по многу работи ќе биде уникарно и посебно, а сега и официјално тоа е Мундијалот на кој се постигнати најмногу голови. Иако уште се играат натпреварите од групната фаза, срушен е рекордот по бројот на постигнати погодоци.
На мечот меѓу САД и Туркије кога Остин Трасти погоди за 2:2, тоа беше вкупно 173. гол на овој Мундијал, доволно да се надмине претходниот рекорд поставен пред четири години во Катар, кога беа постигнати 172 погодоци.
Рекордот е срушен по само 59 одиграни натпревари во групната фаза, но овој Мундијал е прв со 48 репрезентации, додека во Катар играа 32 селекции.
Но во Катар на 64 меча беа постигнати 172 голови, а сега по само 59 средби рекордот е срушен.
Лионел Меси со пет погодоци засега е прв стрелец на актуелниот турнир, а по четири гола имаат Винисиус, Мбапе и Халанд.


















