Јужноафриканската правничка Наванетем Нави Пилaј, која претходно ја предводеше истражната комисија на ОН што заклучи дека Израел извршил геноцид во Газа, денес ја доби Нобеловата награда за мир за 2026 година за нејзиниот придонес во мирот и меѓународното право.
Норвешкиот Нобелов одбор ги пофали нејзините повеќедецениски напори за зајакнување на меѓународната правда и повикување на одговорност на сторителите на воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид.
„Годинашната добитничка значително ги прошири опсегот и влијанието на меѓународното право“, соопшти Одборот, истакнувајќи ја нејзината работа во меѓународните судови и на функцијата висока комесарка на ОН за човекови права.
Родена во Дурбан, Јужна Африка, во семејство со индиско тамилско потекло, за време на апартхејдот, Пилај ја започнала својата правничка кариера борејќи се против расната дискриминација и бранејќи ги противниците на системот на апартхејд.
Подоцна работела како судијка во Високиот суд на Јужна Африка, Меѓународниот кривичен трибунал за Руанда и Меѓународниот кривичен суд, пред да биде именувана за висока комесарка на ОН за човекови права.
Нобеловиот комитет го истакна нејзиниот придонес во донесувањето историски пресуди со кои беше утврдено дека силувањето и сексуалното насилство може да претставуваат злосторства против човештвото и геноцид.
Пилај, исто така, работела како привремена судијка во Меѓународниот суд на правдата во случајот што Гамбија го поведе против Мјанмар поради обвинувањата за геноцид врз припадниците на малцинството Рохинџи.
Истрагата на ОН за Газа
Пилај претседаваше со Независната меѓународна истражна комисија на ОН за окупираната палестинска територија од јули 2021 година до нејзиното заминување од функцијата во 2025 година.
Презентирајќи ги наодите на Комисијата пред комитет на Генералното собрание на ОН во октомври 2025 година, таа изјави дека правната анализа ја утврдила одговорноста на Израел за геноцид во Газа.
„Заклучивме дека Државата Израел е одговорна за извршување на четири геноцидни дејства во Газа, со конкретна намера да ги уништи Палестинците во Газа како група“, рече таа.
„Комисијата, исто така, утврди дека израелскиот претседател, премиерот и поранешниот министер за одбрана поттикнувале извршување геноцид“, додаде таа.
Нобеловиот комитет оцени дека кариерата на Пилеј ја покажува важноста на меѓународните правни институции во спречувањето конфликти и обезбедувањето одговорност.
„Со доделувањето на годинашната Нобелова награда за мир, норвешкиот Нобелов комитет сака да го потсети светот дека владеењето на правото- на национално и меѓународно ниво- е темел на системот што го воспоставивме за да обезбедиме мир и да ги решаваме конфликтите на ненасилен начин. Мирот бара правда“, се наведува во соопштението.




















