Младиот босанскохерцеговски фудбалски репрезентативец Керим Алајбеговиќ е нов фудбалер на италијанскиот великан Јувентус, а во неделата потпиша петгодишен договор со клубот од Торино, кој ќе важи до 30 јуни 2031 година.
Во соопштението на „црно-белите“ се наведува дека е постигнат договор со германскиот клуб Баер 04 Леверкузен за траен трансфер на репрезентативецот на Босна и Херцеговина, Керим Алајбеговиќ.
Според официјалното соопштение на Јувентус, надоместокот за трансферот изнесува 30 милиони евра и ќе биде исплатен во текот на четири финансиски години. Договорот вклучува и дополнителни трошоци за трансферот до два милиони евра, како и можни бонуси до најмногу пет милиони евра, во зависност од исполнувањето на утврдените спортски цели и постигнатите резултати.
Алајбеговиќ е разновиден напаѓач кој подеднакво успешно може да игра на двете крилни позиции, благодарение на одличната контрола на топката со двете нозе. Во Торино пристигнува по извонредна сезона помината како позајмен играч во австриски Салцбург, каде што беше еден од клучните фудбалери со 44 настапи во сите натпреварувања, постигнувајќи 13 голови и четири асистенции.
Роден во Келн, репрезентативецот на Босна и Херцеговина ја поминал младинската школа на Келн пред да премине во Леверкузен, каде што созреал како фудбалер и добил повици за првиот тим во Бундеслигата и Лигата на шампионите.
„Голем талент со силен карактер и огромен потенцијал сега е подготвен да ја докаже својата вредност во нашите бои. Добредојде во Јувентус, Керим!“, порачаа од клубот од Торино.


























