Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, го постави 19 септември како рок за сите 211 членки да прифатат еднократна понуда од 20 милиони долари како дел од контроверзниот инвестициски план за Светското првенство.
Средствата за оваа понуда биле обезбедени од инвестицискиот фонд Трив Етернал (Thrive Eternal) основан од Џошуа Кушнер, брат на Џаред Кушнер, зет на Трамп, како дел од проект за продажба на акции на Светското првенство.
Инфантино ја претстави оваа „уникатна и неповторлива можност за финансирање“ и во писмото објасни зошто сака да основа нова подружница на ФИФА вредна 20 милијарди долари, во која 20 проценти од сопственоста ќе бидат во рацете на приватни инвеститори.
Оваа подружница ќе управува со натпревари и настани под покровителство на ФИФА, како што се Светските првенства за мажи и жени, како и Светското клупско првенство.
„Моја должност и одговорност како претседател на ФИФА е да ви презентирам вам, како наши членови, вакви можности што можат да ја револуционизираат иднината на играта“, напиша Инфантино во писмо до кое увид има агенцијата АП.
Предлогот веднаш предизвика жестока реакција од Европската фудбалска унија (УЕФА), која рече дека границата е премината и дека Светското првенство „не е имот што ФИФА може да го продаде“.
Претходно денес, УЕФА објави дека ќе одржат итен видео состанок до крајот на неделата и дека е можно да се постави прашањето за можноста за бојкот на Светското првенство.
„Инфантино објавува дека се преминува граница што управните тела на светскиот фудбал никогаш не треба да ја преминат“, се вели во соопштението на УЕФА, која е составена од 55 од 211-те членки на ФИФА.


























