Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) не може да продолжи да го користи нашиот спорт за да се збогати себеси и своите партнери, објави денес Европската фудбалска унија (УЕФА), според британските медиуми.
Соопштението следи по писмото од Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, кој го поставил 19 септември како краен рок за сите 211 членки да прифатат еднократна понуда од по 20 милиони долари како дел од инвестицискиот план за Светското првенство.
Во писмото до членовите на ФИФА, Инфантино навел зошто сака да основа нова подружница на ФИФА вредна 20 милијарди долари, во која 20 проценти од сопственоста би биле во рацете на приватни инвеститори. Оваа подружница би управувала со натпревари и настани под покровителство на ФИФА, како што се Светските првенства за мажи и жени и Светското клупско првенство.
„Денес дознавме дека ФИФА поставила рок за националните асоцијации да ги поддржат нејзините предлози или еднократната финансиска уплата ќе биде повлечена. Ова зборува многу за природата на овој план“, објави УЕФА.
„По дискусиите со бројни актери од светот на фудбалот, УЕФА е убедена дека постои значително и растечко противење на проектот на ФИФА. ФИФА не може да продолжи да го користи нашиот спорт за да се збогати себеси и своите партнери. Фудбалот може да се развива на вистински начин. Време е националните асоцијации, клубовите, лигите, играчите и навивачите да бидат приоритет“, изјави УЕФА.
Ројтерс објави дека Фудбалската конфедерацијата на Северна и Централна Америка и Карибите (КОНКАКАФ) изразила загриженост во врска со планот на ФИФА.
„Длабоко сме загрижени за отсуството на соодветна постапка и процес на консултација“, се вели во соопштението на КОНКАКАФ.
Азиската фудбалска конфедерација (АФК) изјави дека е „разочарана што прашање од толку голема важност стигнало до јавноста пред АФК да има можност да го разгледа и дискутира“.


























