Уапсен е Давор Мацура, сопственикот на „Алта банка“, на која Народната банка на Србија (НБС) пред два дена ѝ ја одзеде дозволата за работа, пренесуваат белградските медиуми.
Јавниот сервис РТС објави дека сè уште нема потврда за оваа информација и дека очекува одговор од надлежните органи и институции.
Пред два дена, Извршниот одбор на Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на „Алта банка“, која е во целосна сопственост на Давор Мацура. Тој ја започнал својата кариера како сопственик на менувачница во населбата Алтина, во Земун, објави РТС.
Медиумите со години го опишуваа како бизнисмен близок до Српската напредна партија, иако нема потврда дека е нејзин член.
Откако НБС ја покрена постапката за стечај, неправилности во работењето на „Алта група“ биле пријавени и во Северна Македонија и Црна Гора, а се отвора и прашањето за судбината на парите на депонентите и одговорноста за пропаѓањето на банката.
За седум години, „Алта банка“ од мала наследничка на југословенската банка „ЈУБМЕС“ прераснала во институција на која најголемите државни претпријатија ѝ ги доверувале парите на граѓаните.






















