Британскиот премиер Кир Стармер денес изјави дека нема да се повлече од функцијата откако првичните резултати од локалните избори во Велика Британија покажаа дека неговата Лабуристичка партија го губи водството во локалните совети, додека партијата Реформ УК на Најџел Фараж бележи голем пораст.
Стармер изјави дека резултатите од изборите за неговата партија биле „тешки“ и „болни“, но нагласи дека ја презема одговорноста за загубите.
Во своите први коментари Стармер рече дека „тешките денови не ја ослабуваат неговата решителност“ да ги спроведе ветените промени, туку, како што изјави, дополнително ја зајакнуваат.
„Нема разубавување. Изгубивме брилијантни претставници на лабуристите низ целата земја“, рече Стармер, додавајќи дека партијата мора да учи од пораката на гласачите.
Стармер оцени дека гласачите испратиле јасна порака за брзината на промените и потребата од подобрување на животниот стандард, нагласувајќи дека владата мора подобро да одговори на овие очекувања.
„Нема да заминам и да ја турнам земјата во хаос“, изјави Стармер.
Осврнувајќи се на победата на лабуристите на општите избори во јули 2024 година, Стармер истакна дека гласачите му дале петгодишен мандат.
„Тоа е петгодишен мандат за промена на земјата“, рече тој.
На прашањето дали има намера да учествува на следните општи избори, Стармер одговори: „Да. Бев избран за петгодишен мандат и имам намера да го исполнам до крај“.
Додека пребројувањето на повеќето гласови сè уште трае, Реформ УК води со освоени 398 места.
Конзервативната партија и Лабуристичката партија се речиси изедначени со 256, односно 253 места, додека Либералните демократи се со 249 места.
Според досегашните резултати, лабуристите ја изгубиле контролата врз девет локални совети и повеќе од 250 советнички места, како и поддршката во традиционалните упоришта во централна и северна Англија и во некои делови од Лондон.
Лидерот на антиимиграциската партија Реформ УК, Најџел Фараж, ги опиша првичните резултати како вистински историски пресврт во британската политика.
„Толку сме навикнати да размислуваме за политиката во рамките на левицата и десницата, а сепак она што Реформ успеа да го направи е да победи во области кои отсекогаш биле конзервативни“, изјави тој.
На локалните избори во Велика Британија се гласа за околу 5.000 места во 136 локални совети.
Се одржуваат и шест избори за градоначалници во Вотфорд и во пет лондонски општини: Кројдон, Хакни, Луишам, Њуам и Тауер Хамлетс.
Повеќето совети започнаа со пребројување на гласовите денес, а конечните резултати се очекуваат до сабота.
Гласачите во Шкотска и Велс исто така гласаа на парламентарни избори, иако пребројувањето таму сè уште не е започнато.
Во Шкотска, сите 129 членови на шкотскиот Парламент- Холируд- се на реизбор, вклучувајќи 73 пратеници од изборните единици и 56 регионални членови.
Во Велс, гласачите ја избираат следната велшка Влада и членовите на Сенед (Парламентот), во она што се опишува како најголема промена во Парламентот откако започна преносот на надлежностите на Велс во 1999 година.






